Техеран предупреди: Ќе почнеме сеопшта офанзива ако нападите продолжат

Макфакс

18/07/2026

08:20

163

Големина на фонт

а а а

Иран најави сеопшта офанзива доколку американските напади продолжат уште неколку дена, при што иранскиот воен советник предупреди дека нема да постојат безбедни граници. Војската на САД ја продолжува серијата удари со цел да ги ослаби воените капацитети на Иран.

Иран се закани дека ќе започне сеопшта офанзива доколку американските напади врз земјата продолжат уште неколку дена, додека САД седма ноќ по ред изведуваат воздушни удари.

Воен советник на иранскиот врховен лидер, Мохсен Резаи, изјави дека Техеран ќе премине во фаза на сеопшта офанзива ако американските напади продолжат уште два до три дена.

„Иран повеќе нема да се задоволи само со возвраќање на ударите и ниту една граница нема да биде безбедна“, порача Резаи, пренесе иранската државна телевизија.

Во меѓувреме, американската војска соопшти дека продолжува со нова серија напади врз Иран, чија цел е дополнително слабеење на иранските воени капацитети.

Иранските власти, пак, тврдат дека во нападите биле оштетени електроенергетската мрежа, мостови, пристаниште, аеродром, телекомуникациска инфраструктура и железничка станица, но овие информации не се потврдени од Вашингтон.

Револуционерната гарда соопшти и дека два нафтени танкери експлодирале и се запалиле при преминување низ минско поле јужно од Ормутскиот Теснец, без да соопшти на која држава ѝ припаѓале пловилата и дали има жртви.