„Еј, другари, браќа, дигнете чаша за спомените…“ – стихови што ја откриваат главната порака на новата песна „Славам“ на музичкиот бенд Некст Тајм, составен од дуото Мартин и Стефан Филиповски.
Песната носи силна емоција за пријателството, братството и луѓето кои, без разлика на далечината, секогаш остануваат дел од нашите најважни моменти.
„Славам“ е емотивна музичка приказна инспирирана од личен момент од животот на Стефан Филиповски.
Идејата за песната се родила на неговата свадба, во момент кога Стефан размислувал за значењето на кумството и за тоа колку далечината понекогаш може да ги одвои луѓето од најважните животни настани.
„На самата свадба, поради тоа што мојот кум е Македонец од Австралија, почнав да си мислам што ако, дај Боже, еден ден имам дете и на најубавиот ден во неговиот живот, мојот кум не биде во можност да дојде и да биде тука поради оддалеченоста. Таа мисла ми остана и од неа се роди една емоција која подоцна прерасна во песната ‘Славам’“, раскажува Стефан Филиповски.
„Славам“ е песна за сите оние луѓе со кои ги делиме најубавите моменти, за пријателите кои ги нарекуваме браќа, за кумовите и за спомените кои остануваат засекогаш.
Посебна приказна носи и видеоспотот за песната, кој е снимен во прекрасната Тоскана, Италија. Режијата е на Стејди Флоу, кој преку визуелниот концепт ја доловува емоцијата, топлината и атмосферата на песната.
Музиката и аранжманот на „Славам“ се дело на Николче Мицевски, додека текстот го потпишуваат Стефан Филиповски и Марко Маринковиќ – Слаткар.
Со новата песна „Славам“, Некст Тајм уште еднаш покажуваат дека нивната музика не е само звук, туку приказна, чувство и порака што допира до публиката.
Покрај промоцијата на новата песна, Некст Тајм интензивно се подготвуваат и за својот голем концерт во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, закажан за 27 ноември. До големата концертна вечер, нивната публика и обожаватели можат да очекуваат уште нови музички проекти и изненадувања кои ќе ја надополнат приказната на бендот.
Песната и официјалниот видеоспот се достапни на дигиталните платформи и официјалниот Јутјуб канал на Некст Тајм.
Уживајте во ова музичко ремек-дело:








