Србија се приклучува на вселенската програма на НАСА

Макфакс

17/07/2026

11:20

157

Големина на фонт

а а а

Србија се приклучи како 69-та земја кон меѓународната вселенска иницијатива „Артемис“, овозможувајќи научните и технолошки институции од земјата да учествуваат во напредната вселенска програма на НАСА, со што се зајакнува стратешката соработка меѓу Србија и САД.

Србија ги потпиша договорите „Артемис“ во четврток, со што стана 69-та држава што ја потпиша оваа меѓународна иницијатива за истражување на вселената. Договорот го потпиша во седиштето на НАСА министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ, а на церемонијата присуствуваа заменик-администраторот на НАСА, Мет Андерсон, помошникот државен секретар на САД за океани, животна средина и наука Весли Брукс, српскиот амбасадор Драган Шутановац и Марија Гњатовиќ од Министерството за наука, технолошки развој и иновации.

Значење за Србија

Министерот Ѓуриќ претходно изјави дека приклучувањето кон договорите ќе им овозможи на наукцниците, компаниите и институциите во Србија да учествуваат во една од најнапредните вселенски програми во светот.

„Србија е посветена на истражување на вселената за мирни цели и почитување на меѓународното право, па затоа овој договор ќе придонесе и за создавање поволна рамка за нашиот понатамошен развој. Секако, ова има симболична вредност и политичко значење и се одвива како дел од стратешки дијалог што претставува историски чекор напред во односите меѓу Србија и Америка“, рече Ѓуриќ.

Тој додаде дека за Србија ова значи приклучување кон кругот на земји со кои САД имаат воспоставено партнерство и пријателска соработка.

Што се договорите „Артемис“

Договорите „Артемис“ беа лансирани во 2020 година од НАСА и американскиот Стејт департмент, со поддршка на седум земји основачи. Иницијативата беше лансирана за време на првиот мандат на тогашниот американски претседател Доналд Трамп.