Сиљановска-Давкова се сретна со началникот на вооружените сили на Германија: Тој ја оцени македонската Армија како кредибилен сојузник

Макфакс

16/07/2026

16:30

141

Големина на фонт

а а а

Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со генерал Карстен Бројер, началник на вооружените сили на Германија, при што беше потврдено пријателството и соработката помеѓу македонската Армија и НАТО, како и потенцијалот за унапредување на економските и културните врски помеѓу двете држави.

Претседателката и врховна командантка на вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска го прими началникот на вооружените сили на Сојузна Република Германија, генерал Карстен Бројер.

Сиљановска-Давкова посочи дека посетата на генералот Бројер е уште една потврда за посветеноста на НАТО кон регионалната стабилност. Според неа, сојузништвото со Германија овозможува изградба на отпорен и интероперабилен одбранбен систем.

За генералот Бројер, дводневната посета е одлична можност, покрај разговорите со припадниците на Армијата, да оствари средби и со државниот врв, во функција на јакнење на единството во Алијансата и унапредување на германско-македонските односи.

Тој ја оцени македонската Армија како кредибилен сојузник, нагласувајќи дека македонските војници рамо до рамо со своите колеги од земјите членки на НАТО учествуваат во заедничките мисии и активности.

Соговорниците се согласија дека, покрај одбранбената соработка, обете држави имаат потенцијал за продлабочување на економските, образовните и културните врски.

Сиљановска-Давкова укажа на улогата на македонската дијаспора во Германија како важен актер во продлабочувањето на билатералните односи.

Таа ја поздрави континуираната германска поддршка на македонските реформски процеси и инфраструктурниот развој на државата.