[ФОТО] „На две години ме прегази воз, дел од стапалото ми беше ампутирано – никој не знаеше за мојата борба“: Македонската стилистка Мила Арсовска со потресна исповед

Точка

16/07/2026

17:20

833

Големина на фонт

а а а

Македонската стилистка Мила Арсовска, која повеќе од една деценија живее и работи во Њујорк, првпат јавно проговори за трагичната несреќа што ја доживеала како двегодишно девојче и за животната борба што со години ја чувала далеку од очите на јавноста.

Арсовска откри дека како мала била прегазена од воз, по што, поради тешките повреди и компликации, ѝ бил ампутиран дел од стапалото. Иако последиците од несреќата ја следеле низ целиот живот, таа никогаш не дозволила инвалидитетот да биде единственото нешто по кое луѓето ќе ја препознаваат.


Во својата емотивна исповед на Инстаграм, стилистката раскажа дека несреќата се случила кога имала само две години.

„Кога имав 2 години, доживеав несреќа со воз. Бев сама, си играв на железничките шини, несвесна за тоа што ќе се случи. Возот помина преку мене, вагон по вагон, оставајќи ме да се борам да преживеам.

Заради повредите и компликациите, дел од моето стапало беше ампутирано“.


Таа објасни дека уште од најрана возраст морала повторно да учи да оди, да го одржува телото во рамнотежа и да се приспособува на физичките ограничувања. Играла одбојка, а притоа го криела својот инвалидитет за да ѝ биде дозволено да учествува, додека со години вложувала огромен труд за да се чувствува рамноправно со останатите.

Арсовска откри дека цели 42 години речиси никој не знаел со каква внатрешна борба се соочувала.

„Цели 42 години луѓето ме познаваа, работеа со мене, се смееја со мене и споделуваа животни моменти со мене, но речиси никој не знаеше за борбата што ја носев во себе.


Станав многу добра во криењето на мојата болка. Научив како да се смеам кога работите беа тешки, како да продолжам напред кога ме болеше и како да му покажам сила на светот, дури и кога водев битки што никој не можеше да ги види“.

Таа нагласи дека инвалидитетот е дел од нејзината животна приказна, но дека никогаш не ја определувал како личност.

„Не сакав да бидам дефинирана според она што ми се случи. Сакав да бидам препознаена по тоа што станав, по она што го постигнав и по храброста што беше потребна за да продолжам понатаму.


Зад секој чекор што го направив, секој спорт што го играв и секој предизвик со кој се соочив стоеше патешествие за кое повеќето луѓе никогаш не знаеја“.

По повеќе од четири децении, Арсовска конечно добила можност да набави протеза изработена според нејзините потреби, која би ѝ овозможила полесно да оди и да танцува. Сепак, цената на протезата изнесува 25.000 долари, а трошоците не се покриени од осигурувањето, бидејќи станува збор за индивидуална изработка надвор од државата.

Поради тоа, таа започна кампања на платформата „GoFundMe“ за собирање средства, со оглед дека протезата ќе треба да се менува на секои пет до десет години.


Во својата порака до сите што ја поддржуваат, Арсовска испрати силна порака за истрајноста и надежта.

„Понекогаш најсилните луѓе се оние што тивко ги носат најтешките борби. Мојата приказна е доказ дека човек може да се соочи со незамисливи предизвици и сепак да изгради живот исполнет со сила, решителност и надеж.

Ви благодарам што ја поддржувате мојата приказна и мојата кампања на ‘GoFundMe“, порача Арсовска.