Трифун Костовски, кој во изминатиот период е во фокусот на јавноста поради судскиот процес поврзан со затворањето на Еуростандард банка, очигледно успева да најде време и за убавите животни моменти.
И покрај правните предизвици со кои се соочува, познатиот македонски бизнисмен деновиве престојува во романтичниот хрватски град Ровињ, каде што ужива во друштво на својата партнерка, српската писателка и авторка Јасна Петков Костовска.

Поводот за нивното патување е посебен – Јасна го прослави својот 52-от роденден, а атмосферата од славењето ја сподели и со своите следбеници на социјалните мрежи. Покрај фотографиите од Ровињ, на кои може да се почувствува летната магија на хрватското крајбрежје, таа објави и емотивна порака со која го одбележа својот роденден.
Парот изгледа опуштено и расположено, уживајќи во прошетките низ живописните улички на Ровињ, познат по својата медитеранска атмосфера, шармантната архитектура и прекрасните погледи кон Јадранското Море. Фотографиите откриваат дека, и покрај турбулентниот период низ кој поминува Костовски, двајцата избрале да си посветат време еден на друг и да создадат нови заеднички спомени.

Нивното патување привлече внимание и на социјалните мрежи, каде што бројни пријатели и следбеници ѝ упатија честитки на Јасна за роденденот, посакувајќи ѝ здравје, среќа и уште многу убави моменти.
Јасна под фотографиите кои ги објави на социјалните мрежи напиша:
„52 🥂 Еден преубав незаборавен ден… Ви благодарам на сите прекрасни драги пријатели за прекрасните мисли и желби… Најубави поздрави од преубавиот Ровињ… Да се има вистински и искрени пријатели е најголемото богатство кое можеме да го имаме… 💛“.

Инаку, Трифун Костовски во моментов се соочува со обвинение во случајот поврзан со пропаѓањето на Еуростандард банка, но приватно, барем според објавите на неговата партнерка, периодов е исполнет со мирни и среќни мигови, далеку од секојдневните обврски и судските рочишта.



















