Франција изгледаше како тим кој е главен фаворит за титулата на Светското првенство и остави таков впечаток со низа извонредни изданија, но „триколорите“ како актуелни светски вицешампиони уште еднаш покажаа дека имаат „црна мачка“ која доаѓа од Европа.
По поразите од Шпанија во полуфиналињата на Европското првенство и Лигата на нации во изминатите две години, избраниците на Дидие Дешамп имаа уште поголем мотив да остварат победа, но наместо тоа, одново останаа анемични во дуелот со извонредните техничари и едноставно не најдоа против игра за играчите во бели дресови.
Франција целосно ја загуби битката во средниот ред и од тој момент почна да се губат тактичките замисли кои ги имаше поставено Дешамп, а најава за новиот неуспех на „триколорите“ во дуелот со најнепосакуваниот ривал беше лошата реакција на Лукас Дињ.
Левиот бек подари пенал во 22-та минута и му овозможи на европскиот шампион да поведе со голот на Ојарзабал, па сосема очекувано, оваа реализација им даде уште поголема самодоверба на играчите кои знаат како да го диктираат темпото со топка во нозете.
Франција целосно се загуби и не знаеше да пронајде против игра до крајот на првиот дел, а истото продолжи и во второто полувреме, без оглед на измената на Дешамп.
Дидие го повлече Рабио и му даде шанса на Ману Коне, но и тоа не донесе посакувана рамнотежа во средниот ред, каде без никаков сомнеж доминираа играчи како Родри, Фабијан Руиз и Олмо.
Наместо закана кон голот на Унаи Симон, видовме една акција која заврши со гол на Педро Поро, па погодокот во 58-та минута и дефинитивно ги нокаутираше грогираните Французи.
Иако до крајот на мечот се обидоа да постигнат барем еден гол, избраниците на Дешамп не успеаја во таквата намера, па искусниот и трофеен стручњак ја завршува својата незаборавна авантура како селектор на „галските петли“ со пораз до Шпанија.
За Шпанија ова ќе биде второ финале во историјата по она незаборавното од 2010-та година, а во завршниот чин ќе брка и втора светска титула против победникот од дуелот меѓу Аргентина и Англија.









