Историски договор потпишан меѓу Гибралтар и Шпанија: нема повеќе граници

Макфакс

14/07/2026

18:46

187

Големина на фонт

а а а

Европската Унија и Обединетото Кралство потпишаа договор кој го укинува граничниот режим и овозможува слободно движење меѓу Гибралтар и Шпанија, штитејќи го британскиот суверенитет и поблиску интегрирајќи ја територијата со Шенген зоната.

Европската Унија и Обединетото Кралство потпишаа историски договор со кој ќе се укинат граничните контроли и ќе се овозможи слободно движење на луѓе и стоки меѓу Шпанија и територијата Гибралтар, која е под британска контрола.

Спогодбата беше потпишана во Брисел во вторник од страна на европскиот комесар за трговија Марош Шефчович и британскиот министер за Европа, Стивен Доути. Присутен беше и премиерот на Гибралтар, Фабијан Пикардо, објави француската новинска агенција АФП.

Спогодбата ги отстранува сите физички бариери и контроли на копнената граница меѓу Гибралтар и Шпанија и вклучува планови за поблиска интеграција на територијата со Шенген зоната и единствениот пазар на ЕУ, додека целосно го штити британскиот суверенитет над Гибралтар, на барање на Лондон.

Нема повеќе проверки

Од среда, нема да има повеќе проверки на документи на граничниот премин меѓу Гибралтар и шпанскиот град Ла Линеа, кој илјадници луѓе го преминуваат секој ден. Гибралтар, мала територија со население од речиси 40.000 жители на крајниот југ од Пиринејски Полуостров, прима околу 15.000 шпански работници секој ден, што претставува речиси половина од нејзината работна сила.

Договорот меѓу Лондон и Брисел беше постигнат во јуни минатата година по години тешки преговори, во кои учествуваше и Шпанија. Тој следеше по референдумот за Брегзит во 2016 година и излегувањето на Велика Британија од Европската унија.

Шпанскиот премиер Педро Санчез треба да го посети Гибралтар во среда. Санчез го поздрави договорот, велејќи дека „по стотици години, наконечено ќе биде можно да се сруши последниот ѕид во рамките на Европската унија“, пренесува АФП.

Гибралтар, над кој Велика Британија го презеде суверенитетот во 1713 година со Договор од Утерехт, е од огромно стратешко значење, особено за поморската трговија бидејќи Гибралтарскиот теснец ги одделува Европа и Африка и ги поврзува Атлантскиот Океан и Средоземното Море.