Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека најавената реконструкција на Владата на Мицкоски не носи суштински промени и дека граѓаните не можат да очекуваат никакво подобрување од неа. Според него, Владата нема резултати, а државата е блокирана со растечки цени и пад на стандарди.
Мицкоски нема ниту еден резултат, ова е една реконструкција која е само замена на имиња, едни луѓе со други, oд оваа реконструкција граѓаните не можат да очекуваат буквално ништо, нагласи во денешната изјава за медиуми, претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Toj посочи дека најавената реконструкција на Владата не претставува суштинска промена и дека Владата на Мицкоски нема напредок во ниту еден сектор, а граѓаните од реконструкцијата не можат да очекуваат какво било подобрување.
„Ова е една реконструкција која е само замена на имиња – едни луѓе со други. Од оваа реконструкција граѓаните не можат да очекуваат буквално ништо. Ама буквално ништо, исто како што не видоа никакви резултати и досега од работата на Владата“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ, посочи дека по две години владеење нема област во која Владата на ВМРО покажала резултати или граѓаните почувствувале некакво подобрување.
„Нема еден сектор во кој има некакви добри резултати. Нема една група на луѓе во државава која виде бенефит од оваа власт. Државата е целосно блокирана. Граѓаните тонат во сиромаштија. Цените растат без контрола. Нема раст на платите. Стандардот тоне. Ние останавме слепо црево на Балканот и во Европа“, изјави Филипче.
Притоа, Филипче додаде дека Владата го запрела евро пскиот пат на државата, а премиерот Мицкоски отворено кажувал дека нема намера да го продолжи евроинтегративниот процес.
„Гледаме како се однесуваат и кон стратешкиот правец на земјата. Го запреа европскиот пат по 30 години и тоа отворено го кажува премиерот – дека нема намера да го продолжи евроинтегративниот пат на земјата. Во тој контекст, нешто што не го кажуваме ние, туку го кажува во својот извештај Европскиот парламент – дека тука има влијание од српскиот свет, дека има центри на руските разузнавачки служби во Србија кои влијаат врз земјите во регионот, меѓу другите и врз Македонија, и не дозволуваат да продолжи евроинтегративниот пат“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ нагласи дека Владата нема капацитет да понуди решенија за клучните проблеми на државата и граѓаните.
„Ете, такви луѓе ние имаме во Владата. Ние имаме целосно неспособен премиер, неспособен да реши ниту едно прашање, да направи државна стратегија, да направи било каква добра политика од која граѓаните и државата ќе видат бенефит“, изјави Филипче.











