Трајчулески: Со Стоилковиќ како министер, „српскиот свет“ добива губернатор во 80 македонски општини

Макфакс

13/07/2026

19:20

423

Големина на фонт

а а а

Пратеникот Митко Трајчулески изрази загриженост за кадровските промени во Владата, истакнувајќи дека назначувањето на Стоилковиќ како министер за локална самоуправа го зајакнува влијанието на „српскиот свет“ во Македонија. Тој го критикува и предлогот за министер за земјоделство и апелира за суштински реформи и резултати, наместо козметички промени.

Реконструкцијата на Владата не носи нова визија, туку отвора сериозни дилеми за стратешката определба на државата и за кадрите што ВМРО ги предлага на највисоки државни функции, кажа пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска расправа. Тој оцени дека кадровските решенија предложени од Владата испраќаат загрижувачки политички пораки, особено во делот на евроатлантската ориентација на државата.

„Очекувано е назначувањето на Стоилковиќ за министер за локална самоуправа, со што „српскиот“ свет во Македонија добива позиција губернатор на 80 македонски општини“, истакна Трајчулески.

Осврнувајќи се на предлогот Борче Серафимовски да биде министер за земјоделство,Трајчулески посочи официјално објавени информации за неговите активности.

„Генералниот директор на Меѓународниот славјански универзитет Борче Серафимовски беше дел од јубилејното десетто собрание на фондацијата „Руски мир“, која е основана со указ од претседателот на Руската Федерација Владимир Путин во 2007 година. Свое обраќање имаше и патријархот московски и на цела Русија Кирил. Ние сме горда членка на НАТО“, нагласи Трајчулески.

Тој кажа дека реконструкцијата е уште едно признание дека Владата не ги исполнила сопствените ветувања.

„Денес сме сведоци на признание за политички неуспех. Кога Владата менува министри по само две години, таа всушност признава дека не ги исполнила сопствените ветувања. Но проблемот не е во имињата. Проблемот е во политиките што ги доведоа граѓаните до разочарување“, кажа Трајчулески.

Пратеникот порача дека граѓаните не бараат нови министри и нови прес-конференции, туку резултати, европски реформи и институции што ќе работат во интерес на државата.

„Ова не е приказна за реконструкција. Ова е приказна за изгубени две години, изгубени можности, изгубена доверба и изгубена надеж. Македонија има потреба од суштински промени, а не од козметички корекции“, порача Трајчулески.