Стојкова-Серафимовска до Костадиновска-Стојчевска: Оставивте низа проблеми во културата кои сега ги решаваме

Макфакс

13/07/2026

13:00

164

Големина на фонт

а а а

Велика Стојкова-Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ го критикува сегашниот став на СДС дека проблемите во културата се нови, посочувајќи дека тие се наследени од претходното владеење, при што истакнува дека актуелната Влада веќе работи на нивно решавање.

На денешната седница во Собранието се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Велика Стојкова-Серафимовска која во реплика кон пратеничката од СДС, Бисера Костадиновска-Стојчевска истакна дека актуелната власт се соочува со проблеми наследени од претходното раководење со ресорот култура.

„Ја разбирам вашата потреба да се обратите и јас исто вака се обраќав кога бевме опозиција, па кога се менуваа министрите од страна на владата на СДС и ДУИ и само да ве потсетам дека вие менувавте секоја година министер. Значи во вашиот мандат се сменија пет министри за култура од коишто чинам дека само една министерка беше од ресорот, така да се ќе се обидам на кратко да ви одговорам на сите ваши забелешки, а бидејќи сето она што вие го кажавте, практично вие можевте и да го направите и да го завршите, меѓутоа во вашето седум односно осумгодишно владеење ништо не направивте од ова, па оставивте еден куп затекнати проблеми коишто мораше да се решат“, рече Стојкова-Серафимовска и додаде:

„Моја забелешка е особено за она што зборуваат за институции, не се отвораат институции без функционална анализа. Да вие отворивте институции за коишто имаше само по еден вработен, го спомнавте џез оркестарот, па ете и со џез оркестарот ја отворивте институцијата, ќе обезбедевте простор, меѓутоа ние ја завршуваме таа работа. Значи на нас остана се, целиот оној хаос што вие го започнавте и го направивте во вашето владеење. А верувајте владата на ВМРО-ДПМНЕ има многу сериозен пристап кон културата, не е културата секое летенце ново министерче, културата е многу сериозна работа и културата бара посветеност и анализа, се ова што го кажувате вие се практично проблеми наследени од ваше време“.

Стојкова-Серафимовска ги отфрли критиките за состојбите во културата, посочувајќи дека претходната власт немала доволна комуникација со УНЕСКО и дека дел од процесите, како оној за Универзалната сала и колективниот договор, биле оставени без соодветна анализа.

„Ние успеавме во овие кратки две години да решиме многу проблеми коишто вие ги оставивте, немојте да зборувате за УНЕСКО бидејќи вие апсолутно немавте комуникација со УНЕСКО. Оваа Влада ја започна сериозната посветена и професионална комуникација со УНЕСКО за којашто веќе имаме и резултати. Немојте да зборувате за Скопје град на културата, бидејќи вие го закочивте процесот за Универзална сала. Немојте да зборувате за колективниот договор, бидејќи во ваше време се потпиша колективен договор без никаква анализа. Така да многу работи за коишто вие кажувате дека не чинат, практично не чинат од ваше време“, посочи таа.