Невреме ја погоди Франција: Околу 20.000 домаќинства останаа без струја

Макфакс

11/07/2026

20:20

184

Големина на фонт

а а а

Силно невреме со грмежливи бури и илјадници удари од гром предизвика прекин на електрична енергија во југозападниот дел на Франција, оставајќи околу 20.000 домаќинства без струја, додека пожарите продолжуваат да беснеат во неколку региони.

Околу 20.000 домаќинства во југозападниот дел на Франција останаа без електрична енергија по силните грмежливи бури и илјадниците удари од гром, соопштија француските власти. Засега нема информации за повредени лица.

Според националниот оператор на електроенергетската мрежа „Енедис“, без струја останале околу 12.000 домаќинства во департманот Дордоња, 7.000 во Жиронда и 1.000 во Ло-е-Гарон. Најголем дел од прекините биле предизвикани од паднати дрвја и гранки врз далноводите.

Во текот на ноќта, бројот на домаќинства без електрична енергија надминал 38.000, но дел од дефектите биле отстранети со далечинско управување. Од „Енедис“ очекуваат снабдувањето со струја целосно да биде нормализирано во текот на викендот.

Француската метеоролошка служба издаде жолто предупредување за грмежливи бури за 47 департмани, додека опсерваторијата „Кераунос“ регистрирала околу 64.000 молњи во југозападниот дел на земјата, од кои 7.800 биле директни удари од гром.

Во најпогодените департмани Дордоња и Жиронда, ударите од гром и оштетувањето на електричната мрежа предизвикале повеќе од 20 пожари, кои пожарникарите успеале да ги стават под контрола.

Франција и натаму се соочува со сериозни шумски пожари, особено во департманот Источни Пиринеи, каде што изгореле околу 4.900 хектари површина, како и во департманите Дром и Ендр.