[ВИДЕО] Филипче: Следуваат тешки есенски месеци, не се знае колкава ќе биде цената на струјата

Макфакс

11/07/2026

12:30

300

Големина на фонт

а а а

Венко Филипче од СДСМ ги предупреди граѓаните за тешките економски и финансиски предизвици што следуваат во есенските месеци, посочувајќи на неизвесноста околу цената на струјата и влијанието врз животниот стандард.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска оцени дека економската состојба со која се соочуваат граѓаните е најголем демант на тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија е „трета економија во Европа“.

На прес-конференција, Филипче изјави дека Владата, според него, се обидува да ја прикаже состојбата подобра отколку што е реално, но дека граѓаните секојдневно ги чувствуваат последиците преку трошоците за живот.

„Единствено нешто што прави премиерот е да раскажува приказни. И тоа е единствено нешто во што е добар, за жал граѓаните веќе не му веруваат. Тоа дека сме биле трета економија во Европа, тоа дека тука тече мед и млеко – граѓаните знаат дека тоа не е вистина, затоа што фрижидерите и паричниците едноставно им се сè попразни“, рече Филипче.

Филипче предупреди на економски предизвици

Лидерот на СДСМ оцени дека, како што рече, политиките на Владата на Мицкоски ја изолираат државата и предупреди дека тоа може да доведе до дополнителни економски проблеми.

Тој најави дека следуваат, како што ги нарече, тешки есенски месеци, при што посочи на неизвесноста околу цената на електричната енергија и можните последици врз цените на производите и услугите.

„Следуваат тешки есенски месеци, во кои не се знае колкава ќе биде цената на струјата, што ќе покрене дополнителен бран на поскапувања. Има пад на странските инвестиции, пад на индустриското производство, стагнација на платите – на просечната, на минималната плата, стагнација на платите во здравството, во образованието, стагнација на примањата во социјалните трансфери“, изјави Филипче.

Критики за ребалансот на Буџетот

Филипче се осврна и на предложениот ребаланс на Буџетот, за кој оцени дека нема да донесе подобар животен стандард за граѓаните.

Според него, ребалансот претставува само промена на бројки без реални ефекти врз секојдневието на граѓаните.

„Владата сака сето тоа да го маскира со тоа што предлага еден ребаланс, кој не е ништо друго туку бројки на хартија кои никако нема да можат да се остварат. Нешто од што ниту граѓаните ќе видат некаков бенефит, а уште помалку државата во целост во контекст на остварувањето на стратешките цели“, рече претседателот на СДСМ.