Трамп му се закани на Иран: Илјада ракети се подготвени ако се обидат да ме убијат

Макфакс

11/07/2026

09:15

556

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп упати остра закана до Иран со предупредување дека САД ќе извршат масовен воен напад доколку иранските власти се обидат да го убијат. Во исто време, САД воведоа нови санкции против финансиски структури поврзани со иранскиот врховен лидер, што дополнително ја зголеми напнатоста меѓу двете земји.

Американскиот претседател Доналд Трамп упати остра закана до Иран, предупредувајќи дека САД ќе одговорат со масовен воен напад доколку иранските власти извршат или се обидат да извршат атентат врз него.

Илјада ракети се подготвени и насочени кон Исламската Република Иран, а веднаш по нив следуваат уште илјадници доколку иранската влада постапи според заканата да го убие или да се обиде да го убие претседателот на Соединетите Американски Држави – во овој случај мене“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Тој додаде дека американската војска веќе добила наредби и е подготвена да реагира.

„Наредбите веќе се издадени, а американската војска е подготвена, расположена и способна во рок од една година, со можност за продолжување, целосно да ги десеткува и уништи сите подрачја на Иран“, порача Трамп.

Нови американски санкции

Заканата на Трамп беше објавена истиот ден кога Соединетите Американски Држави воведоа нов пакет санкции против финансиска мрежа поврзана со иранскиот врховен лидер, ајатолахот Моџтаба Хамнеи.

Санкциите се однесуваат на иранскиот банкар Али Ансари и уште 13 физички и правни лица, за кои американските власти тврдат дека учествувале во финансирање на иранските државни структури и Корпусот на Исламската револуционерна гарда.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Томи Пигот, изјави дека целта на мерките е да се прекинат финансиските канали на иранската власт.

„Со таргетирање на овие мрежи, САД директно ја попречуваат способноста на режимот да пристапи до странски валути и да спроведува меѓународни финансиски активности“, рече Пигот.

Техеран ги отфрла обвинувањата

Новите санкции следуваат по неодамнешната ескалација на тензиите меѓу САД и Иран, по инцидентите во Ормутскиот Теснец и меѓусебните воени напади.

Трамп претходно изјави дека примирјето со Иран е завршено, но истовремено посочи дека Вашингтон е подготвен да ги продолжи разговорите. Техеран ги отфрли неговите тврдења дека побарал директни преговори со САД, наведувајќи дека прифатил само посредување од Катар.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи оцени дека новите санкции претставуваат прекршување на меморандумот за разбирање меѓу двете земји.

„Проверка на реалноста: може да постои само взаемно почитување на обврските“, напиша Аракчи на социјалната мрежа X, додавајќи дека Иран досега ги исполнил своите обврски.

Иран: Подготвени сме за целосна одбрана

Иранските власти порачаа дека се подготвени на „целосна одбрана“ доколку САД го прекршат меморандумот. Главниот ирански преговарач Мохамад Багер Галибаф изјави дека евентуалниот конфликт нема да заврши со предавање на Техеран.

Во меѓувреме, американскиот министер за финансии Скот Бесент порача дека администрацијата ќе продолжи да ги користи сите расположливи механизми за изолација на Мојтаба Хамнеи и другите високи ирански функционери од глобалниот финансиски систем.