„Netflix“ го одреди официјалниот датум на премиерата на втората сезона на серијата „The Gentlemen“, а со објавениот тизер е најавено дека на стриминг-платформата ќе пристигне на 3 септември.
Официјалниот синопсис за втората сезона наведува: „Помина една година откако Еди (Тео Џејмс) и Сузи (Каја Скоделарио) ги здружија силите за заедно да работат во криминалната империја на Боби (Реј Винстон) во странство. Додека се стремат да го прошират својот потфат, одлуките што ги носи Боби изгледаат сè понеразумни. Сега Еди и Сузи мора да одлучат дали ќе преземат акција или ќе ризикуваат да изгубат сè, но неограничената амбиција никогаш не завршува добро...“.
Покрај Тео Џејмс, Каја Скоделарио и Реј Винстон, во актерската екипа се враќаат Џоули Ричардсон и Вини Џонс.
Новите членови на актерската екипа ги вклучуваат: Хју Боневил, Бенџамин Клементајн, Бенедета Поркароли, Микеле Мороне, Серџо Кастелито, Амра Маласи, Тајлер Конти, британскиот професионален боксер Крис Јубенк Џуниор и ТВ-водителката Маја Џама.

Гај Ричи е креатор на серијата, која е заснована на неговиот истоимен филм.
Првата сезона на серијата „The Gentlemen“ се покажа како голем хит во март 2024 година, откако помина 10 недели на глобалната листа на 10-те најпопуларни телевизиски серии на англиски јазик.





