Фудбалерите на Франција обезбедија пласман во своето трето последователно полуфинале на Светските првенства.
Гол-разликата на Французите до полуфиналето доволно говори за огромниот потенцијал на оваа селекција – 16:2!
По сè што прикажува тимот на Дидие Дешан, фудбалскиот свет сè почесто го поставува легитимното прашање, кое сè повеќе прераснува во констатација – дали Франција некогаш имала подобра генерација од оваа, која со недели доминира на северноамериканскиот континент, предводена од Килијан Мбапе, Мајкл Олисе, Усман Дембеле и останатите?
Ваква леснотија во победувањето ретко се гледа.

Дури ни легендарната генерација на Зинедин Зидан, токму во периодот кога францускиот репрезентативен фудбал започна да го освојува светот, според многумина, не делуваше толку моќно, опасно и ефикасно, ниту со таква леснотија ги победуваше своите противници.
Токму затоа, по убедливата победа над Мароко во полуфиналето (2:0), на Мбапе му беше поставено прашањето – дали оваа селекција на Франција е најсилната во историјата?
„Не знам дали е најсилната. Јас веќе бев светски шампион и светски вицешампион, а оваа екипа сè уште не го постигнала тоа. Сепак, без сомнение станува збор за тим со најголем потенцијал – тим со кој можеме да ја замислиме иднината. Во оваа екипа има многу квалитет, што ни дава простор да сонуваме. Но, додека не се докаже спротивното, овој тим сè уште нема освоено ништо. Секогаш сум велел дека најсилни се тимовите кои освојуваат трофеи. Тоа сè уште не е случај со оваа генерација, па затоа – не, не е најсилната“, изјави Мбапе.

Фактот дека Франција на последните седум Мундијали играше дури четири финалиња, ја вбројува меѓу најуспешните репрезентации во последните три децении.
Со појавата на Мбапе, Французите веќе настапија во две финалиња на Светските првенства, а сега се на чекор и до третото.
Од друга страна, „златната“ генерација, предводена од Зинедин Зидан, Дидие Дешан, Фабиен Бартез, тогаш младиот Тиери Анри и останатите, го освои Светското првенство во 1998 година, а веднаш потоа и Европското првенство во 2000 година. Тоа беа години на апсолутна доминација на оваа француска селекција.










