[ВИДЕО] Трамп: Ги тестирав сојузниците за да видам дали ќе бидат со нас, НАТО ме разочара

Макфакс

07/07/2026

16:40

515

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази разочарување од НАТО на Самитот во Анкара, критикувајќи ги издвојувањата за одбраната и односите со САД, додека истакна дека ги тестирал сојузниците за нивната поддршка.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој пристигна во Анкара на Самитот на НАТО, изрази големо разочарување од Алијансата. По пристигнувањето, каде што го пречека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Трамп пред новинарите даде низа остри изјави за членките на НАТО, нивните издвојувања за одбраната и односите со САД. Во турската престолнина претходно пристигна и украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува „Скај њуз“.

На новинарско прашање дали е задоволен од напредокот на Алијансата во однос на издвојувањата за одбраната, Трамп, за време на средбата со турскиот претседател Ердоган, беше јасен.

„Ќе видиме. Бев многу разочаран од НАТО“, рече тој.

„Искрено, доколку Самитот не се одржуваше во Турција, каде што мојот пријател воедно е и многу силен лидер, можно е воопшто да не дојдев.“

Американскиот претседател го нарече одржувањето на Самитот во Турција „голема работа“, но додаде дека САД „не биле добро третирани“ поради акциите во Иран.

„Не ни треба ничија помош, ниту ја барав“, порача тој.

Трамп потсети дека САД вложиле „билиони долари“ во НАТО.

„Зошто? За да ги заштитиме европските земји и другите, како Канада. Јас велам, тоа е во ред, но човек би помислил дека тие ќе бидат многу подготвени да направат нешто за да ни помогнат, а всушност не беа“, рече Трамп.


Тој посебно се осврна на потезите на поранешниот британски премиер Кир Стармер, кој поднесе оставка на 22 јуни.

„Што се однесува до Обединетото Кралство, нивниот премиер… претпоставувам дека повеќе не е на таа функција, можеби токму поради ова. Направи нешто многу непопуларно. Рече: ‘Не, ќе помогнеме кога војната ќе заврши’. Јас му реков дека таква помош не ми треба“, изјави Трамп.

„Воопшто не ни беше потребна помош. На некој начин ги тестирав луѓето. Ги тестирав за да видам дали ќе бидат со нас“, додаде американскиот претседател.