Скандалозни изјави на Трамп – призна дека се јавил кај претседателот на ФИФА, па порача: „Ако изгубиме, ќе тврдам дека сè е наместено“

Точка

06/07/2026

18:32

352

Големина на фонт

а а а

Невиден политичко-спортски скандал го тресе Светското првенство. Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, официјално потврди дека лично интервенирал кај светската фудбалска организација „ФИФА“ и побарал ревизија на црвениот картон за првата ѕвезда на американската репрезентација, Фоларин Балогун.

По досега невиден притисок од Вашингтон, „ФИФА“ донела контроверзна одлука, ја преиначила казната и експресно му дозволила на напаѓачот да настапи на вечерашниот натпревар од осминафиналето против Белгија во Сиетл, што предизвика бес и лавина осуди низ спортската јавност.

Сè започнало минатата недела на натпреварот против Босна и Херцеговина, кога Балогун добил директен црвен картон, откако по „VAR“ преглед било утврдено дека нагазил противнички фудбалер. Американската јавност останала шокирана, а потоа во приказната се вклучил и врвот на американската политика.

Министерот за трговија на САД, Хауард Лутник, кој натпреварот го следел од ВИП ложата покрај претседателот на „ФИФА“, Џани Инфантино, веднаш започнал да телефонира за да види што може да се направи. Во акцијата се вклучил и шефот на Работната група на Белата куќа за Мундијалот, Ендру Џулијани, кој за сè го информирал Трамп. Следувале денови исполнети со стратешки состаноци, во кои федералната влада директно му помагала на правниот тим на Фудбалската федерација на САД при подготовката на жалбата.


„Претседателот разговараше со Инфантино затоа што сакаше подобро да ги разбере причините за црвениот картон и суспензијата. Владата на САД обезбеди дополнителни докази кои беа искористени во жалбената постапка и на крајот беше донесена исправна и правична одлука“, потврди претставник на американската администрација, нагласувајќи дека конечната одлука сепак ја донел „независен одбор“.

За време на денешното обраќање во Овалната соба, Трамп потврди дека контактирал со „ФИФА“, но истовремено се бранеше дека „нема никаква врска со конечната одлука“. Сепак, жестоко ги критикуваше судиите и го покажа, како што самиот рече, своето „извонредно“ познавање на фудбалот.

„Побарав ревизија од „ФИФА“. Одлично го разбирам спортот и сметам дека тоа воопшто не беше прекршок. Таму едноставно се судрија двајца извонредни спортисти и им се заплеткаа нозете. Тоа не беше ситуација во која некој удрил друг со тупаница во лице или нешто слично, тогаш би било поинаку. Едно е да казните некого за време на самиот натпревар, но како можете да го казните за натпревар кој сè уште не е одигран? Тоа е крајно неправедно, така не се прави. Без разлика на сè, мора да им дозволите на репрезентациите да настапат со своите најдобри играчи“, изјави претседателот на САД.


Во својот препознатлив и провокативен стил, Трамп испрати порака пред вечерашниот фудбалски спектакл во Сиетл, но повторно ги повтори и своите одамна демантирани тврдења за претседателските избори во САД.

„Вечерашниот натпревар ќе биде неверојатен. Ние ќе бидеме комплетни, Белгија ќе биде комплетна и знаете што? Ако нè победат, тогаш навистина ќе можат да се гордеат. Од друга страна, ако нè победат, ќе кажам дека сè е наместено – исто како што беа наместени и изборите во 2020 година!“, изјави Трамп.

Ваквиот политички притисок и одлуката на „ФИФА“ предизвикаа жестока реакција во Европа. Кралската белгиска фудбалска федерација („RBFA“) објави итно соопштение во кое најави правна битка од невидени размери.


„Немаме друга алтернатива освен правно да го оспориме правото на овој играч да настапи на вечерашниот натпревар. Без разлика на спортскиот исход, длабоко сме загрижени од ваквиот тек на настаните. Белгиската федерација ќе продолжи да се бори во наредните часови, денови и месеци во одбрана на фундаменталните принципи на етиката, фер-плејот и интересите на фудбалот во целина“, порачаа од белгиската федерација.

Натпреварот во Сиетл повеќе не е само битка за четвртфинале на Светското првенство – тој прерасна во еден од најголемите дипломатско-спортски конфликти во модерната историја на фудбалот.