Општина Илинден започна со реконструкција на спортската сала „Гоце Делчев“ со цел подобрување на спортската инфраструктура, функционалноста, безбедноста и енергетската ефикасност на објектот. Во проектот се вклучени градежни и технички зафати како замена на под, молерисување, ново осветлување и обновување на трибините.
Општина Илинден започна со реализација на проектот за реконструкција на спортската сала „Гоце Делчев“ во населеното место Илинден, како дел од континуираните активности за унапредување на спортската инфраструктура и создавање подобри услови за спорт и рекреација.
Реконструкција за подобрување на функционалноста и безбедноста
„Оваа реконструкција се врши по речиси дво децениско користење на салата, при што се предвидени повеќе градежни и технички зафати насочени кон подобрување на функционалноста, безбедноста и енергетската ефикасност на објектот. Проектот опфаќа санација на таркетот со стругање и нанесување три слоја специјален заштитен лак отпорен на гребење и пролизгување, како и целосно ново бележење на теренот за повеќе спортски дисциплини“, сооптија од Општината.
Планирани градежни и технички работи
Во рамки на реконструкцијата ќе бидат извршени и молерисување на ѕидовите и таваните, бојадисување на трибините, замена на заштитната ограда и поставување нови седишта на трибинскиот простор. Предвидена е и замена на гумираниот под, целосна реконструкција на соблекувалните, како и бетонирање стопи и поставување метални елементи за монтажа на мобилни столбови за одбојка.
Модернизација и енергетска ефикасност
Дополнително, како дел од претходно реализираните активности за модернизација на салата, извршена е замена на дотраените металхалогени рефлектори со современи ЛЕД светилки, со што значително е подобрена енергетската ефикасност и квалитетот на осветлувањето на просторот.
Посета и изјава на градоначалникот
На почетокот на градежните активности увид изврши градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека локалната самоуправа останува посветена на континуирани инвестиции во спортската инфраструктура.
„Со реконструкцијата на спортската сала создаваме современи и функционални услови за спортистите, младите и сите рекреативци. Истовремено, ќе се зголемат можностите за организирање домашни и меѓународни спортски натпревари, како и други мултифункционални настани“, изјави градоначалникот Георгиевски.











