Малиот Божидар има итна потреба од средства за животоспасувачка операција која е закажана за 4 август. Граѓаните се повикуваат на донирање и солидарност за да се обезбедат парите навреме и да се спасува животот на детето.
Групата „Реално Кавадарци“ преку објава на социјалните мрежи упати апел до граѓаните да се вклучат во хуманата акција за собирање средства за малиот Божидар, на кого му претстои животоспасувачка операција.
Во објавата се наведува дека операцијата е закажана за 4 август, но потребните средства мора да бидат обезбедени и уплатени најдоцна до 24 јули. Доколку сумата не се собере навреме, постои ризик интервенцијата да не може да се реализира.
„Срцето ми се кине кога ги гледам родителите на малиот Божидар. Тие се целосно скршени. Времето истекува, а парите сè уште не се собрани“, се вели во апелот.
Оттаму посочуваат дека институционалната помош не е доволна, па единствената надеж останува солидарноста на граѓаните.
Сите што се во можност можат да донираат со повик на телефонските броеви 143487 за корисниците на А1 и 143122 за корисниците на Т-Мобиле, а донации може да се извршат и преку платформата на Павел Андреев.
„Да му помогнеме на Божидар да ја добие својата шанса за живот. Ниту едно дете не смее да ја изгуби надежта затоа што недостигаат пари“, се наведува во апелот, со повик до сите што не можат да донираат барем да ја споделат објавата за да стигне до што поголем број луѓе.







