Мицкоски се пофали: По падот на платите, повторно имаме реален раст на примањата и подобар животен стандард

Макфакс

03/07/2026

11:04

1.125

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека економскиот раст и реалниот раст на платите во земјата се поврзани со враќањето на довербата, стабилизирањето на јавните финансии и активната поддршка на инвестициите, што резултира со подобар животен стандард за граѓаните.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека Владата е активен партнер на стопанството, и дека е создадена предвидлива деловна клима, ефикасни институции, модерна инфраструктура и квалитетно образование.

„Денес успешни не се само компаниите кои произведуваат квалитетен производ. Успешни се оние кои знаат како одговорно да управуваат со ресурсите, како да инвестираат во своите луѓе, како да создаваат доверба кај инвеститорите, партнерите и потрошувачите.

Компаниите што навремено ќе се прилагодат ќе имаат пристап до нови пазари, до нов капитал и до нови инвеститори. Оние што ќе инвестираат во енергетска ефикасност, дигитализација, иновации и знаење ќе бидат компаниите што ќе го водат економскиот развој во следната деценија“, истакна Мицкоски.


Ако погледнеме наназад, потсети тој, ќе видиме дека во периодот од 2017 до 2023 година просечниот економски раст изнесуваше околу 1,8 проценти на реалниот БДП и нешто под 6% на номиналниот БДП. Денес, како што рече, имаме сосема поинаква динамика.

„Во 2024 година економијата порасна за 3 проценти, во 2025 година за 3,5 проценти, што е отприлика двојно, и номиналниот во последните неколку квартали расне со динамика од над 8%. Тоа не е случајност. Тоа е резултат на враќањето на довербата, на стабилизирањето на јавните финансии, на активната поддршка за инвестициите и на заедничката работа со приватниот сектор.


Исто така ако ги споредиме бројките и во инфлацијата, споредиме две кризи коишто ни се случија најголема би рекол енергетска криза во светот и онаа криза кога започна војната во украина во 2022 година тогаш исто така споредбата е немилосрдна, ако тогаш просечната инфлација беше двоцифрена односно беше нешто на 14% сега зборуваме за просечна инфлација од 4,5% којашка очекувам до крајот на годината да биде под 4%“.

Според Мицкоски, најважниот показател е дали луѓето живеат подобро.

„Во 2024 година номиналниот раст на платите изнесуваше 12,6 проценти, во 2025 година 9,6 проценти, а и оваа година очекуваме раст од над 8 проценти, притоа немаше политички интервенирање на пазарот на трудот, односно да се наметнуваат вредности на минималната плата коишто дополнително можеби би го оптовариле стопанството, нешто што беше случај во минатото.


Уште поважно е што по долг период повторно имаме реален раст на примањата. По падот на реалните плати во 2022 година од 2,9 проценти, во 2024 година тие пораснаа за 8,8 проценти, а во 2025 година за дополнителни 5,3 проценти. Тоа значи дека економскиот раст не останува само статистика. Тој постепено се претвора во подобар животен стандард за граѓаните.

Во изминатиот период сервисиравме 4,4 милијарди евра јавен долг, а до крајот на оваа година доспеваат уште 983 милиони евра обврски кои исто така ќе бидат навремено исполнети. Тоа испраќа силна порака до финансиските пазари, до инвеститорите и до меѓународните институции дека државата е сигурен и кредибилен партнер“.

Ова, нагласи тој, треба да биде основа од која ќе продолжиме понатаму.

„Нашата цел не е само повисок раст. Нашата цел е поквалитетен раст“.