Доцентката од Штип побарала 300 евра за да му пише шестка на студентот, му рекла парите да ги остави на помошната маса, соопшти Обвинителството

Макфакс

01/07/2026

17:30

283

Големина на фонт

а а а

Основното јавно обвинителство во Штип започна истражна постапка против доцентка од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, која е осомничена дека од студентот побарала 300 евра како поткуп за да му впише позитивна оценка.

Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за спроведување истражна постапка против 38-годишна жителка на Кочани осомничена за кривично дело – Примање поткуп.

Осомничената како лице кое врши работи од јавен интерес, односно доцент на Универзитетот „Гоце Делчев’’ во Штип, директно за себе побарала корист – парични средства за да изврши дејствие што не би смеела да го изврши.

На 16 јуни, откако студент не покажал доволно знаење за да го положи испитот кај неа, таа не му впишала оценка во индексот и во електронскиот систем дека не положил туку директно побарала пари во износ од 300 евра, за да му напише шестка со која тој би го положил наведениот испит.

На 29 јуни во нејзината канцеларија, ги примила парите од студентот, така што му дала инструкции да ги остави на помошната маса, помеѓу скрипта и еден лист бела хартија, а во индексот му запишала преодна оценка.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување неколку мерки на претпазливост – забрана на напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска на осомничената да се јавува во судот, привремено одземање патна исправа, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со студентот, како и забрана за вршење на работни активности на факултетот.