Писториус: Германија сака заедничко производство на американско оружје во Европа

Макфакс

01/07/2026

16:30

125

Големина на фонт

а а а

Германија планира да продлабочи соработка со САД преку производство на делови од американско оружје во Европа, со цел да се зголеми европската автономија во одбранбената индустрија и да се балансира односот во рамки на НАТО.

Германија сака да ја продлабочи соработката со Соединетите Американски Држави во областа на одбранбената индустрија, вклучително и можноста одредени американски системи за оружје или нивни делови да се произведуваат во Германија по лиценца, изјави министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус.

Одговарајќи на прашањето дали таквата практика може да ги ослаби европските напори за намалување на зависноста од Вашингтон, тој оцени дека станува збор за „навидум контрадикторна ситуација“, но, според бриселскиот „Политико“, истакна дека целта за поголема европска автономија во одбранбената индустрија не ги вклучува исклучиво европските системи.

„Никој не рече дека поголемата независност во одбранбената индустрија значи исклучиво потпирање на европските системи. Ова не е случај сега, ниту ќе биде во иднина“, рече Писториус.

Неговата изјава дојде на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Фридрих Мерц и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, по седницата на германската влада посветена на безбедносната политика, пред самитот на НАТО во Анкара.

Писториус изјави дека Берлин сака да развие капацитети што во моментов ги нема или не може доволно брзо да ги произведе, поради што е заинтересиран за производство на одредени американски системи во Германија, вклучително и делови од програмата „Ф-35“.

„Постојат системи што сè уште ги немаме, или ги немаме во доволни количини, а ќе ни бидат потребни во следните 10 до 15 години. Во исто време, знаеме дека и нашите производствени капацитети се ограничени“, рече германскиот министер.

Мерц оцени дека овој пристап е дел од поширок европски напор за балансирање на односите во рамките на НАТО, а воедно да се зачува трансатлантската врска со Соединетите Американски Држави.

„Сакаме НАТО како целина да стане поевропски. Како Европејци, преземаме поголема одговорност во НАТО и ги намалуваме едностраните трансатлантски зависности. Ова е вистинската одлука за двете страни на Атлантикот“, рече Мерц.