Мицкоски: Реконструкцијата ќе донесе нова енергија, ТДП е пред влез во Владата, а вицепремиерот за добро владеење останува без ресор

Точка

30/06/2026

19:48

489

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека претстојната реконструкција на Владата ќе донесе нова енергија, промена на приоритетите и поголема ефикасност во работењето, истовремено откривајќи дека Турската демократска партија (ТДП) е во завршна фаза на преговори за приклучување кон владејачкото мнозинство.

Во интервју за емисијата „Директно“ на ТВ Телма, Мицкоски истакна дека реконструкцијата не е резултат исклучиво на незадоволителни резултати, туку и на желбата Владата да биде уште поефикасна.

„Не секогаш треба да правиме промени затоа што испораката е помала од очекуваното, но секогаш можеме да бидеме подобри од тоа што сме. Понекогаш се менуваат и приоритетите во рамките на коалициската влада, а оваа реконструкција е комбинација од сите тие фактори“, изјави Мицкоски.

Тој појасни дека предлогот за реконструкција најпрво ќе биде разгледан од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа ќе биде доставен до Собранието.

Според најавите, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе Министерството за здравство и Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Коалицискиот партнер ВРЕДИ ќе раководи со Министерството за култура, Министерството за правда и Министерството за односи меѓу заедниците, додека Министерството за земјоделство ќе му припадне на ЗНАМ.

Мицкоски додаде дека ЗНАМ ќе добие и дополнителна заменичка министерска функција, за што ќе се одлучува наесен, кога на дневен ред ќе бидат заменичките позиции во Владата.

Премиерот откри и дека се водат интензивни разговори со Турската демократска партија, која има еден пратеник во Собранието, за нејзино приклучување кон владината коалиција.

„Преговорите се во полн ек. Очекувам успешно да завршат и Турската демократска партија да стане дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со што владиното мнозинство ќе се зголеми за уште еден пратеник, кој досега беше дел од опозицијата во рамките на Европскиот фронт “, рече Мицкоски.

Тој посочи дека разговорите се водат со перспектива соработката да трае до завршувањето на локалните избори во 2029 година, по што би бил комплетиран новиот состав на Владата.

Една од позначајните промени што ги најави премиерот е укинувањето на ресорот на вицепремиерот за добро владеење.

„Портфолиото за добро владеење повеќе нема да биде посебен владин ресор, туку директно ќе биде под надлежност на претседателот на Владата“, нагласи Мицкоски.

Со најавените кадровски промени и можноста за проширување на парламентарното мнозинство, реконструкцијата на Владата претставува една од најголемите политички промени од почетокот на мандатот на актуелната влада.