Граѓаните ќе даваат лична согласност за дарување органи по смртта, Собранието го донесе законот за органодарителство

Макфакс

30/06/2026

13:10

248

Големина на фонт

а а а

Собранието донесе нов закон за органодарителство кој воведува лична согласност за дарување на органи по смртта, со што се напушта моделот на претпоставена согласност, а се проширува и кругот на живи дарители. Согласно измените, граѓаните ќе имаат можност сами да одлучат дали сакаат да бидат органодарители, а одлуките ќе ги разгледува Етичката комисија.

Собранието со 58 гласа „за“ и шест „против“, по скратена постапка, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување.

Измените предвидуваат воведување лична изјава кај матичен лекар за дарување органи по смртта, со што се напушта досегашниот модел на претпоставена согласност. Граѓаните ќе имаат можност сами да се изјаснат дали сакаат или не сакаат по смртта да бидат органодарители.

Со законските измени се проширува кругот на живи дарители на органи, така што покрај досегашните, ќе можат да бидат и сродници до четврто колено. За секој случај ќе одлучува Етичка комисија, која ќе ја утврдува доброволноста на одлуката и ќе проверува дали постои притисок, манипулација или трговија со органи.

Министерот за здравство Азир Алиу, образложувајќи го законот, рече дека измените имаат за цел да го унапредат системот за трансплантација и да обезбедат поголема заштита на личната волја на граѓаните.