Европската Унија од 1 јули 2026 година ќе воведе нова царинска давачка од три евра за онлајн пратки со ниска вредност од земји надвор од ЕУ за да обезбеди порамноправна конкуренција и подобра заштита на потрошувачите.
Од 1 јули 2026 година, Европската Унија ќе воведе привремена царинска давачка од три евра за пратки со ниска вредност што доаѓаат од земји надвор од ЕУ, а кои најчесто се однесуваат на онлајн купување.
Оваа мерка ќе се однесува на стоки со вредност до 150 евра, вклучувајќи облека, играчки, електроника и други стоки за широка потрошувачка што често се нарачуваат преку интернет.
Тему и Шајн на удар
ЕУ наведува дека милиони евтини пакети пристигнуваат на европскиот пазар секој ден, каде што дел од стоките не ги исполнуваат безбедносните стандарди или се погрешно декларирани и потценети со цел да се избегне плаќање царински давачки.
Се додава и дека постојниот систем на ослободување од царински давачки ги става компании во рамките на ЕУ во неповолна положба во споредба со продавачите надвор од Унијата.
Новата царинска давачка ќе се пресметува по ставка, врз основа на тарифната класификација, а не според вкупната вредност на пратката. Така, на пример, за пет маички ќе се наплаќа царина од три евра ако тие припаѓаат на истата категорија, додека за три маички и еден часовник ќе се наплаќаат шест евра бидејќи тие припаѓаат на две различни класификации.
Според Европската комисија, обврската за пријавување и плаќање царински давачки ќе ја сноси продавачот или увозникот во рамките на царинската постапка.
Целта на оваа мерка, како што истакнува ЕУ, е да се обезбеди порамноправна конкуренција за европските компании, подобра заштита на потрошувачите од небезбедни производи, намалување на царинските злоупотреби и ублажување на негативното влијание на масовниот транспорт врз животната средина.
Во исто време, Европската Унија работи на модернизација на царинскиот систем со цел зајакнување на единствениот пазар и обезбедување еднакви услови за сите учесници.











