Тој е кошмар за Мелони: Кој е генералот што ја фали фашистичката единица?

Точка

29/06/2026

20:03

634

Големина на фонт

а а а

До неодамна, Мелони се држела на дистанца од „Футуро Национале“ (Futuro Nazionale) обвинувајќи ги дека му помагаат на левиот центар бидејќи постојано гласале против владата во парламентот. Но, сега има знаци дека ја сфаќа потребата од можен договор.

Според ново истражување на јавното мислење, италијанската премиерка Џорџа Мелони ќе биде принудена да формира сојуз со крајно десничарската партија „Футуро Национале“, основана од поранешниот командант на специјалните сили Роберто Ваначи, ако сака да победи на следните парламентарни избори. Анкетата на „Ипсос“ покажала дека коалиција од три партии од десниот центар предводена од Мелони во моментов би освоила 41,7 отсто од гласовите. Наспроти тоа, коалицијата од опозициски партии од левиот центар би можела да смета на 44,5 отсто поддршка. За да го сврти резултатот во нејзина корист, Мелони би морала да формира сојуз со партијата „Футуро Националe“ на Ваначи, која ужива поддршка од околу 6 отсто според анкетите. На тој начин десниот центар би стигнал до 47,7 отсто од гласовите и би го презел водството.


Следните општи избори во Италија сè уште не се распишани, но мора да се одржат најдоцна до следната година. Постојат шпекулации дека Италијанците би можеле да излезат на гласање веќе во април или есен 2027 година, пишува „Телеграф“. „Јасно е дека десниот центар ќе биде принуден да формира сојуз со Ваначи, што би го зголемило бројот на гласови на 47,7 отсто“, напишал истакнатиот аналитичар Нандо Пањончели во весникот „Кориере дела Сера“.


Изборната позиција на Џорџа Мелони би можела да биде уште полоша отколку што сугерира анкетата на јавното мислење. Според информациите на весникот „Ла Република“, нејзината партија спровела своја доверлива анкета која покажала дека таа би освоила само 25 отсто од гласовите, додека Ваначи би можел да привлече дури 10 отсто од гласачите. Извори од партијата го потврдиле постоењето на оваа внатрешна анкета. Сепак, формирањето сојуз со генералот Ваначи носи големи ризици за Мелони. Поранешниот падобранец бил суспендиран од активна воена служба по објавувањето на книга во која изразил антиимигрантски, антифеминистички и хомофобични ставови. Некои членови на неговата партија се обвинети дека се симпатизери на фашизмот. Ваначи редовно ја фали елитната фашистичка единица од Втората светска војна – Децима Флотила МАС (Xª МАС) – позната по своите постапки, но и по своите злосторства по 1943 година, кога останала лојална на Мусолини. Генералот инсистира само на славење на нејзините рани подвизи, а не и подоцнежните злоупотреби.


Ваквите ставови би можеле да бидат неприфатливи за клучните партнери во коалицијата на Мелони, особено за партијата Форца Италија, основана од Силвио Берлускони. Неговата ќерка Марина Берлускони, моќна фигура во партијата, наводно се чувствува непријатно поради можната соработка со Ваначи. Секој обид за приближување до генералот би можел да ја наруши кревката рамнотежа во сегашната коалиција.

„Едвај чекам да видам што ќе направи Марина Берлускони кога ќе сфати дека десниот центар има потреба од нас“, рекол еден од неговите поддржувачи.


До неодамна, Мелони се држела на дистанца од Футуро Национале, обвинувајќи ги дека му помагаат на левиот центар бидејќи постојано гласале против владата во парламентот. Но, сега има знаци дека ја сфаќа неопходноста од можен договор. „Доколку гласањето се одржи следниот септември, како што има намера владата, тогаш ќе има време да се размисли и да се споредат политиките со Футуро Национале“, изјавил Галеацо Бигнами, висок партиски функционер. Генералот Ваначи ја основал својата партија само пред неколку месеци, но таа веќе успеала да ја засени Лигата на Матео Салвини, од која тој „пребегнал“. Според анкетата на Ипсос, Лигата паднала на само 5,6 отсто поддршка на национално ниво.