Премиерот Христијан Мицкоски лично ја води операцијата за анализирање на цените на 600 прехранбени производи, со цел прецизно да се идентификува и контролира инфлацијата во Македонија. Тој истакна дека потрошувачката кошничка во земјата е најевтина во Европа, но сепак работи на детална анализа и мерки за зголемување на контролата.
Премиерот Христијан Мицкоски денес кажа дека лично тој ја води операцијата за анализирање на цените на 600 прехранбени производи. Најави дека многу скоро резултатите ќе бидат видливи на терен.
„Детално навлегуваме во оваа проблематика. Лично јас се занимавам со идентификување на тие 600 производи кои влегуваат во статистиката и јас лично го имам тоа како врвен приоритет“, рече премиерот Мицкоски денес по свеченото пуштање во употреба на нова градинка во Трубарево.
Тој смета дека е добро тоа што Еуростат излезе со параметар во кој што вели дека основната потрошувачка кошничка во Македонија е најевтина во Европа.
„Потрошувачката кошничка во Македонија е убедливо најевтина. Таа е некаде 49,7 % од европскиот просек. Дали е тоа доволно? Не е, но тоа ги демантира сите оние кои што не сакаат оваа држава да успее и кои не сакаат да ја видат Македонија горда и напредна и кои што се практично сите оние зли јазици кои што создаваат една лоша, тмурна атмосфера во општеството. Ваквите податоци, ваквите параметри ги демантираат тие антидржавни елементи во Македонија. Јас лично работам на методологија на идентификување на тие 600-700 производи кои што статистички се мерат и директно на нив ќе одиме ако треба фактура по фактура, еден по еден производ ќе ги анализираме, каде можеме да покачиме и како можеме да покачиме. Ова е една темелна операција која лично ја водам и очекувам многу скоро да има резултати кои што бидат видливи на терен“, рече премиерот Мицкоски.
Владата бара од ланците маркети, добавуваите и производителите инфлацијата кај храната во јули да не биде поголема од три проценти.







