Министерството за култура и туризам со жал извести за смртта на Сашо Миленковски, еден од најзначајните македонски театарски режисери и драматурзи, чие творчество остави голем белег во македонската култура и театар.
Министерството за култура и туризам извести дека со длабока тага ја примиле веста за смртта на истакнатиот македонски театарски режисер, драматург и културен деец Сашо Миленковски.
„Со неговото заминување, македонската култура загуби еден од своите најзначајни и најавтентични театарски творци, чиј богат уметнички опус остави неизбришлива трага во современиот македонски театар. Во текот на својата повеќедецениска кариера, Миленковски реализираше повеќе од педесет театарски претстави, афирмирајќи ја македонската драмска литература и создавајќи сценски дела кои ќе останат трајна вредност во националното културно наследство.
Како режисер, драматург и директор на Македонскиот народен театар, а подоцна и драматург во Драмскиот театар – Скопје, Сашо Миленковски даде исклучителен придонес во развојот на македонската театарска уметност и во промоцијата на домашното творештво во земјата и надвор од неа. Неговата посветеност, визија и препознатлив авторски ракопис инспирираа генерации театарски уметници и оставија длабок белег во културниот живот на Македонија.
Министерството за култура и туризам изразува искрено сочувство до неговото семејство, колегите, пријателите и до целокупната македонска културна јавност.
Споменот на Сашо Миленковски и неговото значајно творештво ќе останат трајно вградени во историјата на македонската култура“, се наведува во објавата на Министерството за култура и туризам.











