Неочекувана расправа на Светското првенство: Аргентинците и Тексашаните дебатираат каде се подготвува најдоброто говедско месо

Точка

27/06/2026

08:51

418

Големина на фонт

а а а

Доаѓањето на илјадници аргентински навивачи во Тексас за време на Светското првенство отвори неочекувана расправа: дали стековите и начинот на подготовка на месото се подобри во Аргентина или во Соединетите Американски Држави.

Наместо расправа за Лионел Меси или играта на репрезентациите, навивачката атмосфера во Далас и Арлингтон ја одбележа полемика за говедското месо, важен дел од идентитетот и на Аргентина и на Тексас.

Според податоците на американското Министерство за земјоделство, Тексас е водечки во производството на говедско месо во САД, додека Соединетите Американски Држави се втори во светот, зад Бразил. Аргентина е на шестото место.


Аргентинскиот готвач Карлос Едуардо Барахона, кој од 1998 година живее во Тексас, смета дека аргентинското говедско месо нема конкуренција.

„Аргентинското говедско месо е едноставно ненадминливо. Солената текстура, начинот на сечење – тоа нема конкуренција“, рекол тој.

Според него и поевтините парчиња месо во Аргентина имаат одличен вкус, додека во САД и поквалитетното месо, во зависност од потеклото, може да биде тврдо.


Аргентинските говеда главно се одгледуваат на отворени пасишта и се хранат со трева, поради што месото побавно стигнува на пазарот, но е помалку мрсно и со поизразен вкус. Во Тексас и во остатокот од САД говедското месо претежно доаѓа од говеда хранети со житарки, па има повеќе маснотии во мускулите, што го прави месото посочно, помеко и со посладок вкус.

Комесарот за земјоделство на Тексас, Сид Милер, порачал: „Нема подобро говедско месо од американското, особено од тексашкото“. Сепак, додал дека и аргентинското говедско месо е многу добро и дека Тексас со години им помагал на јужноамериканските одгледувачи преку продажба на семе, ембриони и расплоден материјал.


Аргентинскиот навивач Гонзало Ерера, по натпреварот во кој Меси постигна два гола против Австрија, рекол дека не гледа голема разлика меѓу месото од двете земји, но дека е важно да се знае кое парче месо да се купи.

Во ресторанот „Corrientes 348 Argentinian Steakhouse во Далас“, навивачите бараат домашен вкус, а помошник-менаџер Емануел Тобон објаснил дека Аргентинците најчесто го подготвуваат стекот само со сол и на јаглен, за разлика од тексашкиот стил со повеќе бибер, путер и сос за скара.