Безбеден град се воведува и на подрачјето на СВР Охрид

Макфакс

25/06/2026

16:40

279

Големина на фонт

а а а

Системот Безбеден град почнува да се воведува на подрачјето на СВР Охрид со цел да ја подобри контролата на сообраќајот, да ги намали незгодите и да ја зголеми безбедноста на патиштата преку поставување на безбедносни камери и контрола на брзината.

Современиот систем за сообраќаен надзорБезбеден град“ (Safe City) постепено почнува да се воведува и на подрачјето на СВР Охрид. Од полицијата информираат дека денеска, по извршеното финално тестирање, во функција се ставени безбедносни камери на автопатската делница кај Ново Село, во општина Дебрца.

Според СВР Охрид, во наредниот период проектот „Безбеден град“ се очекува да профункционира и на патниот правец меѓу селата Горенци и Требеништа, како и на останатите пофреквентни сообраќајници и на коридорите 8 и 10 на подрачјето на СВР Охрид.

Од полицијата нагласуваат дека уредите се поставени, но засега не вршат санкционирање, бидејќи се наоѓаат во фаза на завршна техничка проверка и тестирање.

Системот „Безбеден град“ треба да овозможи засилена и постојана сообраќајна контрола, да придонесе за намалување на сообраќајните незгоди, да врши детекција на сообраќајни прекршоци и да ја зголеми сообраќајната дисциплина и безбедноста.

Од СВР Охрид апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, особено ограничувањето на брзината на автопатската делница кај Ново Село, каде што максимално дозволената брзина е 100 километри на час.