Прекрасното зајдисонце на улиците на Њујорк беше совршена заднина за снимањето на новата романтична комедија во која главните улоги ги толкуваат Кејт Хадсон и Хавиер Бардем. Иако снимањето филмови во величествениот град е сосема вообичаено, нивниот страстен бакнеж среде улица не можеше да помине незабележано.
Станува збор за нивниот нов филм „Hello & Paris“, кој го напишала и режирала Елизабет Чомко, а е инспириран од бестселерот „That Part Was True“ на Дебора Мекинлеј.
На снимањето во центарот на Њујорк, актерската двојка изгледаше мошне елегантно. Хадсон носела миди-фустан со цветен дезен и розов шал, додека Бардем бил облечен во лежерна бела кошула и јакна во беж нијанса.

Филмот ја следи приказната за пејзажен архитект и успешна писателка која се соочува со проблеми. Тие првпат се среќаваат во Париз, а средбата е прилично непријатна, но постепено се запознаваат разменувајќи книги и рецепти додека живеат на спротивните страни од Атлантикот. На крајот сфаќаат дека изборот да живеат како пар можеби е потежок отколку да останат сами.

Меѓу претходно најавените членови на актерската екипа се и Стив Зан, Фил Данстер, Џема Чан, Ајслинг Би и Маријан Жан-Батист, пренесе „The Hollywood Reporter“.

„Hello & Paris“ ќе биде првиот ваков проект на Хадсон по номинацијата за Оскар за улогата во филмот „Song Sung Blue“ на Крег Бруер, додека Бардем досега има четири номинации за златната статуетка. Режисерката Чомко е најпозната по драмата „What They Had“, прикажана на фестивалот „Санденс“, во која глумат Хилари Свонк и Мајкл Шенон.









