[ВИДЕО] Петрушевски: Филипче молчи за дипломатскиот скандал на Бугарија, повторно ги штити оние што ја понижуваат Македонија

Макфакс

25/06/2026

12:50

161

Големина на фонт

а а а

Пратеникот Бране Петрушевски ја критикува тишината на Венко Филипче во врска со дипломатскиот скандал на Бугарија, истакнувајќи го сериозниот преседан и безбедносните ризици за претседателот Мицкоски и барајќи од државата јасна и достоинствена национална позиција.

Објавувањето на доверлива дипломатска комуникација од страна на Бугарија претставува сериозен преседан и неодговорен чин кој отвора прашања и за безбедноста на претседателот Христијан Мицкоски и неговото семејство, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во документот што беше јавно објавен се содржани чувствителни информации, меѓу кои детали за службените возила, лицата кои патувале, локацијата на престојот на семејството на претседателот, како и радиофреквенцијата што ја користело обезбедувањето. И наместо извинување и преземање одговорност од официјална Софија, јавноста доби молк.

Но, уште погласен е молкот на специјалниот бугарски пратеник Венко Филипче. Човекот кој со месеци ги релативизира бугарските позиции и настапува како нивен најгласен адвокат во Македонија, денес нема ниту еден збор или осуда за овој дипломатски скандал“.

Филипче, вели Петрушевски повторно покажува дека кога станува збор за потезите на бугарските власти, секогаш избира да молчи.

„Не реагира ниту кога се негира македонскиот идентитет, јазик и историја, ниту кога со дипломатски преседан се доведува во прашање безбедноста на претседателот на Владата“.

Овој случај, додава Петрушевски, уште еднаш покажува дека Македонија ќе се соочува со сериозни предизвици и притисоци на европскиот пат.

„Затоа државата мора да настапува единствено, достоинствено и со јасно поставени национални позиции, а не со политичари кои молчат кога треба да ја бранат државата.

Македонија нема да отстапи пред ваквите притисоци. Напротив, ваквите постапки само ја зацврстуваат определбата државата да ги брани своите национални интереси, достоинствено и со крената глава“.