Мицкоски за дипломатската нота на Бугарија: Ова е закана за безбедноста на моето семејство

A1ON.MK

23/06/2026

16:37

983

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека не гледа позитивен развој во односите со Бугарија, туку напротив, смета дека состојбата се радикализира. Како пример го посочи објавувањето на дипломатска нота поврзана со приватно патување на неговата сопруга и помалиот син во Пампорово на почетокот на годинава.

„Вчера видовме преседан во дипломатијата кога беше објавена дипломатска нота за тридневен престој на мојата сопруга и мојот помал син во Пампорово. Тоа е невообичаена практика и можеби единствен случај од ваков вид“, изјави Мицкоски.


Тој рече дека за случајот ги информирал партнерите во НАТО, оценувајќи дека со објавувањето на документот е загрозена безбедноста на неговото семејство. Премиерот јавно им се извини на сопругата и синот што, како што рече, мораат да ја трпат оваа ситуација.

Мицкоски додаде дека потезите кои доаѓаат од Софија ги смета за аматерски, неразумни и штетни за билатералните односи, но нагласи дека Владата ќе остане фокусирана на реформите, економскиот развој и реализацијата на проектите.


Изјавата беше дадена на настан во Скопје, како одговор на новинарско прашање за можните промени во односите со Бугарија, во контекст на денешната посета на претседателот на Собранието Африм Гаши на Софија.

Дипломатската нота на која се повикува премиерот е документ испратен од македонската амбасада во Софија до бугарското Министерство за надворешни работи на 6 јануари годинава. Во неа се наведени детали за патувањето на неговата сопруга и син во Пампорово, вклучително и информации за обезбедувањето, возилата и безбедносните протоколи. Документот минатата недела беше објавен на социјалните мрежи, а потоа и пренесен од медиуми.