Делегација на Собранието учествува на пленарна сесија на Советот на Европа во Стразбур, каде ќе се дебатира за важни теми како заштита на демократијата, човековите права и улогата на жените.
Делегација на Собранието во состав Иванка Василевска, заменик шеф, Беким Ќоку и Бисера Костадиновска Стојчевска, членови, учествуваат на третиот дел на пленарната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која од 21 до 26 јуни 2026 година, се одржува во Стразбур, Франција.
Дневниот ред на сесијата предвидува дебата за заштитата на демократијата од нарушувањата предизвикани од вештачката интелигенција, потоа спротивставувањето на транснационалната репресија, демократијата, човековите права и владеењето на правото во Иран, како и за функционирањето на демократските институции во Грузија и во Србија.
Во текот на првиот работен ден, на свечена церемонија ќе биде доделена и наградата „Вигдис“ за зајакнување на улогата на жените, на една од трите организации кои влегоа во потесниот избор.
Во рамките на претседавањето на Монако со Комитетот на министрите на Советот на Европа, на пратениците ќе им се обратат државниот министер Кристоф Мирман и министерката за надворешни работи на Монако, Изабел Беро-Амадеи, кои ќе информираат за работата на највисокото извршно тело на Советот на Европа и ќе одговараат на нивните прашања.
Меѓу другите теми на дневниот ред се слободата на медиумите во спортот, елиминирањето на родовите стереотипи во медиумите и пристапот на мигрантите и бегалците до здравствена заштита, а предвидена е и заедничка дебата за обезбедување одржливост на храната во време на кризи и за искуството на Мароко во справувањето со предизвиците поврзани со храната.
Дополнително, поднесени се барања за итни точки на темите „Пристапот на жените до правда“, како и за дебати по актуелни прашања за „Следење на Декларацијата од Кишињев – активностите на Советот на Европа во областа на миграција“.
Ќе се разгледуваат и извештаите на набљудувачките мисии за неодамнешните избори во Унгарија и во Бугарија, а пратенците на Парламентарното собрание ќе бираат и заменик на генералниот секретар на Советот на Европа.
Вообичаено, конечниот дневен ред ќе биде усвоен од страна на Собранието на денот на отворањето на сесијата.











