Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, ја најави реконструкцијата на трговскиот центар во населба Лисиче кој ќе добие нов и модерен изглед со нови плочки, современа урбана опрема, зелени површини и осветлување, создавајќи функционален и безбеден простор за жителите.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска изврши увид во градежните активности за реконструкција на Трговскиот центар во населба Лисиче, проект со кој овој простор добива целосно нов и современ изглед.
Реконструкцијата се одвива според предвидената динамика, а по нејзиното завршување трговскиот центар ќе прерасне во функционален, безбеден и уреден простор за секојдневен престој на граѓаните.
Во рамки на проектот се врши комплетно поплочување на околу 6.000 квадратни метри, се поставува нова урбана опрема, шах-маси и детско игралиште, а посебен акцент е ставен на целосно хортикултурно уредување и ново осветлување на целиот трговски центар.
„Трговскиот центар во Лисиче не добива само нови плочки. Го уредуваме целокупниот простор – со ново зеленило, современо осветлување, урбана опрема и содржини што ќе го направат ова вистинско место за собирање и дружење на граѓаните. Лисиче заслужува современ и уреден центар и токму тоа го реализираме“, рече градоначалникот Митески.
Со новото зеленило, современото осветлување и обновените пешачки површини, просторот ќе добие сосема нова димензија и ќе стане пријатно место за дружење, рекреација и секојдневни активности на жителите од Лисиче и околните населби.
Станува збор за капитален проект вреден 22,2 милиони денари, кој се реализира со поддршка од Владата.
Општина Аеродром продолжува со реализација на капитални проекти што создаваат современи, функционални и квалитетно уредени јавни простори, во интерес на сите граѓани.







