Алиу: Владата ја усвои информацијата службата за ИМП да прерасне во Центар за итна медицинска помош Скопје

Макфакс

19/06/2026

11:00

245

Големина на фонт

а а а

Владата ја усвои информацијата предложена од Министерството за здравство за формирање на Центар за итна медицинска помош Скопје, со цел подобрување на системот за брз и ефективен медицински одговор и зајакнување на капацитетите за спасување животи.

На предлог на Министерството за здравство, Владата ја усвои информацијата за формирање Центар за итна медицинска помош Скопје, со цел воспоставување поефикасен и поодржлив систем за итен медицински одговор, скратување на времето на интервенција и унапредување на капацитетите за спасување човечки животи.

„Одвојувањето на Итната медицинска помош претставува значајна системска реформа насочена кон зајакнување на организациската и оперативната самостојност на службата. Со формирањето самостоен Центар за итна медицинска помош ќе се овозможи поефикасно управување со ресурсите, посебно буџетско планирање, побрзо донесување одлуки и подобрување на одговорот на итните повици. Предложената реформа не претставува создавање нов систем, туку институционално зајакнување и модернизација на постојната организација за подобро планирање на ресурсите, инвестициите и кадровскиот развој“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.

Во првата фаза е предвидено издвојување на ИМП Скопје како самостојна институција, по што постепено ќе следи интегрирање на останатите служби во рамки на идниот Центар за итна медицинска помош.

Реформата се темели на позитивните искуства од земјите во регионот, каде итната медицинска помош е организирана како самостојна институционална структура, што овозможува подобра координација на тимовите, поефикасно користење на ресурсите и воспоставување единствени стандарди за работа и професионален развој.

Формирањето на Центарот ќе придонесе за надминување и на долгогодишните кадровски и организациски предизвици, обезбедувајќи поефикасен систем на итна медицинска помош за граѓаните.