Одлуката на Народната банка за зголемување на каматната стапка предизвика критики од партијата Левица која смета дека товарот на економските ризици непарично се префрла врз граѓаните додека банките продолжуваат да остваруваат високи профити. Левица повикува на комплексен пристап со регулации, инвестиции и социјални политики за стабилизација на цените и економската сигурност.
Одлуката на Народната банка за зголемување на основната каматна стапка на 4,25% уште еднаш покажува дека товарот на економските ризици се префрла врз граѓаните наместо врз профитите на финансискиот сектор и крупниот капитал. Во услови кога инфлацијата не е доминантно резултат на прекумерна домашна побарувачка туку на недоволно ефикасни политики за регулирање на цените, ефектите од монетарното затегнување остануваат ограничени, сметаат од Левица.
Според партијата, инфлаторните притисоци дополнително се засилени од кризата со енергенси, но и од недоволната интервенција на државата во клучни сектори вклучително и слабата контрола врз дистрибутивните синџири и ценовните политики на одредени компании со значителна пазарна моќ.
Особено загрижува фактот
„Особено загрижува фактот што банките во Македонија и понатаму остваруваат рекордни профити додека граѓаните се соочуваат со повисоки камати, растечки банкарски провизии и се потежок пристап до финансии. Во такви услови, зголемувањето на референтната каматна стапка дополнително ја зајакнува профитабилноста на банкарскиот сектор а не економската стабилност на државата. Левица предупредува дека инфлацијата во Македонија e профитно поттикната инфлација. Во услови на економска нестабилност и зголемени трошоци, дел од големите компании ги користат пазарните нарушувања како можност за дополнително зголемување на цените при што растот на цените во одредени сектори го надминува реалниот раст на трошоците за производство. Дополнително, постоењето на силна пазарна концентрација во одредени индустрии овозможува олигополско и монополско однесување кое придонесува кон одржување на високи цени. Во исто време, енергетските шокови и зависноста од увоз дополнително ја влошуваат ценовната нестабилност“, се наведува во соопштението.
Монетарни мерки недоволни
Во тој контекст, велат од Левица, исклучиво монетарните мерки се недоволни за адресирање на причините за инфлацијата и справување со истата.
Потребен е поширок економски пристап
„Потребен е поширок економски пристап кој опфаќа сет на дополнителни економски полтики вклучително и:
воведување на контрола на цените на основните производи, прогресивно оданочување на добивките на компании за да се намали прекумерната концентрација на профит, зајакнување на антимонополските политики и регулаторните механизми како и зголемени државни инвестиции во домашно производство и енергетска независност. Само комбиниран пристап на регулација, инвестиции и социјална политика може да обезбеди долгорочна стабилизација на цените без да се наруши економската кохезија. Во спротивно економските политики ризикуваат да ја намалат стабилноста без да обезбедат ефективна контрола врз инфлацијата“, велат од Левица.
фото/Depositphotos_















