Во четврток во Мејкерфилд, изборна единица во Велика Британија, се одржуваат избори. На тие избори еден од кандидатите е Енди Бернам, претендент да го наследи Кир Стармер на чело на британската влада и Лабуристичката партија.
Овие избори се претставени како една од најзначајните поединечни изборни трки во модерната британска политичка историја, а 77.000 гласачи кои живеат во Мејкерфилд, на северот од Англија, би можеле да одлучат за премиерот што ќе ја води државата во која живеат речиси 70 милиони луѓе.
Она што во овој момент му дава предност е поделбата меѓу гласачите на десницата.

Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека Бернам, кој моментално е градоначалник на Голем Манчестер од владејачката Лабуристичка партија, би можел да победи затоа што гласовите на популистичката десница веројатно ќе бидат поделени меѓу две политички партии. Тие партии ги предводат двајца мажи кои биле колеги пред да дојде до жесток раскол во партијата минатата година.
Питер Томпсон, кој води продавница за плочки во Ештон-ин-Мејкерфилд, рекол дека ќе гласа за Реформската партија (Реформирај го Обединетото Кралство) на Најџел Фараж, но се плаши дека одлуката на партијата „Обнови ја Британија“ (Restore Britain), предводена од Руперт Лоу, да настапи на изборите би можела да му овозможи на Бернам да победи.

„Откако имам право на глас, само две партии ја водеа оваа земја — лабуристите и конзервативците. Погледнете околу себе, ова е хаос“, рекол 78-годишниот Томпсон, опишувајќи како британската политика се поделила на повеќе партии и независни политичари од кога било порано.
„Кога ова би била директна борба, мислам дека Реформската партија би можела да победи, но бидејќи сега постојат толку многу партии за кои може да се гласа, мислам дека тоа, за жал, ќе се сврти во корист на лабуристите“, истакнал тој.
Бернам поддржува „социјализам што го поддржува бизнисот“
Истражувањата на јавното мислење во изборната единица укажуваат на предност на лабуристите од пет до 12 поени во однос на партијата на Фараж, иако ваквите анкети по својата природа се подложни на грешки.
Лабуристите го освоија местото на парламентарните избори во 2024 година со предност од 13 поени во однос на Реформската партија.
Пратеникот Џош Симонс минатиот месец објави дека се повлекува за да му направи место на Бернам да се бори за пратеничкото место и потенцијално да го предизвика Стармер од парламентот, како што налагаат правилата на лабуристите.

Реформската партија на Најџел Фараж и партијата „Обнови ја Британија“ (Restore Britain), која произлезе од конфликтот меѓу Фараж и Лоу, се претставуваат како анти-естаблишмент партии со остра имиграциска политика, при што втората се залага дури и за масовни депортации, пишува Ројтерс.
Со оглед на тоа што анкетите покажуваат дека партијата „Обнови ја Британија“ во просек има 7 до 8 отсто поддршка во Мејкерфилд, тоа сериозно ги поткопува надежите на Реформската партија за победа.
Фараж минатата недела изјавил дека тоа е „трка на два коња“ и дека гласањето за „Обнови ја Британија“ носи ризик Велика Британија да го добие „најлевичарскиот премиер“.

Пристапот на Бернам кон гласачите се потпира на наративот за постиндустриско занемарување по падот на рударската и производствената индустрија во тоа подрачје.
„Сето тоа се сведува на 40 години неолиберализам кој не беше добар кон северот на Англија. Четириесет години во кои економијата постепено пропаѓаше“, рекол Бернам минатиот месец, кога ја започнал својата кампања.
Официјалните бројки прикажуваат поблага слика.

Мејкерфилд се наоѓа во средината на националната ранг-листа на сиромаштија според приходите, но релативно лошо се рангира според вработеноста и здравјето.
Подобро котира и кога станува збор за пристапот до домување и услуги — област што се наоѓа во сржта на визијата на Бернам за „манчестеризам“ за Британија, која тој ја опишува како „социјализам приспособен на бизнисот“.
Поддршка за Реформската партија
„Мејкерфилд е седиште на амбициозни луѓе од средната класа, повеќе од што било друго“, изјавил Роб Форд, професор по политички науки на Универзитетот во Манчестер, за „Blond Money“, независна финансиска и политичка консултантска фирма.

„Тоа е цврсто упориште на лабуристите според своето наследство и идентитет, а не според видот на луѓето кои живеат тука“, истакнал Форд, мислејќи на традиционално работничките места на северот што ги држеа лабуристите, од кои многу накратко преминаа на страната на конзервативците на Борис Џонсон во 2019 година, а сега се главни цели на реформистите.
Реформската партија на Најџел Фараж освои 24 од 25 места во општинскиот совет на Виган — што ја вклучува и областа Мејкерфилд — на локалните избори на 7 мај, оставајќи ги шансите на лабуристите за победа во оваа кампања речиси целосно зависни од личната привлечност на Бернам.

На улиците генерално има повеќе транспаренти што покажуваат поддршка за Реформската партија отколку за Лабуристичката партија, особено во областите каде што повеќе живее работничката класа, како што е населбата Стабшо Крос.
Лабуристичката партија вложи огромни ресурси во одбраната на местото од Реформската партија, што го докажуваат и доаѓањата на министри и познати пратеници кои се приклучија на делењето летоци.

Додека градоначалничкиот бренд на Бернам беше изграден врз локална транспарентност и достапност за медиумите, неговото враќање во националната политика се управува под строги параметри што ги диктираат лондонските партиски посредници — знак дека влогот во играта е многу висок.
И покрај сите махинации од Вестминстер и големите планови на Бернам, за исходот на изборите на крајот ќе одлучат гласачи како Нил Прајс, 41-годишен локален ѕидар.
„Ќе гласам за Енди Бернам. Знам дека многу работи за заедницата овде. Добро се снаоѓа во сè за што зборува… така што, да, тој е човекот за кого ќе гласам“, изјавил тој.















