Штом СДСМ е против изградба на дата центри значи дека сме на прав пат и дека одлуката е добра, велат од Транспорт

Макфакс

17/06/2026

13:00

331

Големина на фонт

а а а

Министерството за транспорт и врски реагира на критиките од СДСМ против изградбата на дата центри, истакнувајќи дека тие се важна инвестиција за развој на технологијата и економијата, како и поттик за користење на зелена енергија и вработување на стручни кадри.

Денес СДСМ со уште една срамна прес конференција се обидува да го попречи развојот на државата. Имено на денешната прес конференција на СДСМ во која опозициската партија се противи на потенцијалната изградба на дата центри слушнавме само небулози и обид за манипулација на граѓаните, реагираат од Министерството за транспорт и врски, на прес – конференцијата на Кристијан Дојчиновски од СДСМ кој обвини дека власта ќе гради дата центри.

„За изградба на Дата центар потребно е да се исполнуваат сите технички услови кои се строго пропишани во законите, да се направат сите видови студии и да се обезбеди квалитетна работа. Инвестициите во Дата центри изнесуваат милијарди евра во сите развиени држави низ Европа и Америка, развојот на технологијата и вештачката интелигенција е еден од главните двигатели на модерните држави. Во изградба на еден Дата центар во просек се ангажираат барем 300 работници, додека за оперативно работење на дата центар се вработуваат околу 100 високо квалификувани инжинери“, велат од Министерството и додаваат дека Дата центpите се предводници во искористување на зелената енергија и ја зајакнуваат транзицијата кон зелена енергија.

Со самиот развој на вештачката интелигенција, велат од Министерството, Дата центрите се неопходни и од тие причини државата треба да води паметна политика која во чекор ги следи новите трендови во технологијата.

„За разлика од СДСМ, оваа Влада е посветена на нови инвестиции од стотици милиони евра. СДСМ сакаат државата да не напредува, да не се модернизира и да нема големи проекти. Во време на СДСМ главни проекти беа криминалните проекти како што беа модуларната болница во Тетово, очајниот обид за криминал преку набавка на вакцини од компанијатa Стабри, бизнисите со марихуана, тендерите за пријатели на Венко Филипче во здравството. Да ја потсетиме јавноста и на една легендарна изјава дека Фејсбук и Гугл чекаа на граница да инвестираат во Македонија. Штом СДСМ е против изградба на дата центри значи дека сме на прав пат и дека одлуката е добра! Државата избира напредок и нови технологии, времето на криминал и корупција е одамна завршено“, се наведува во соопштението на Министерството за транспорт.