Шкендија вчера го именуваше Артим Положани како човек кој го наследува Јетон Беќири на најважната позиција во првиот тим, но откако беше осигуран нов тренер, клубот од Тетово продолжи доста раздвижено во текот на денешниот ден.
Утрото го започна со две отпусни писма за Лиридон Љатифи и Ибрахим Алхасан, но исто така, „црвено-црните“ се пофалија и со потпис на бразилски фудбалер.
Шкендија не им ги продолжи договорите на Љатифи и Алхасан и им се заблагодари за се што направија за клубот во изминатиот период, но ако тие не се дел од планот за проектот за следната сезона, таков ќе биде случајот со Рафаеле Де Фреитас Силва.
Бразилецот е прво летно засилување за Шкендија во пресрет на европредизвиците кои следат, но и за новата натпреварувачка сезона во Првата македонска фудаблска лига.
Шкендија во својата вест појаснува дека станува збор за поливалентен играч за врска, односно за фудбалер чии квалитети можат да се користат во дефанзивен и офанзивен план.
Силва доаѓа од тимот од Тирана каде што беше активен во текот на последните две сезони, додека претходно играше и во Португалија и во својата татковина, Бразил.







