[ВИДЕО] Џон Малкович се жали на сè во рекламата на HTZ, гледачите воодушевени: „Како вистински Хрват“

Точка

15/06/2026

23:12

534

Големина на фонт

а а а

Светски познатиот актер Џон Малкович е главната ѕвезда во новата туристичка кампања на Хрватска. Промотивниот филм „Хрватска – слушам дека е прекрасна“ премиерно беше прикажан во Александрија, во рамките на настанот „Хрватска во играта – туризам, спорт, култура и вкусови“, организиран од Министерството за туризам и спорт и Хрватската туристичка заедница во соработка со Хрватскиот фудбалски сојуз.

Настанот се одржа во хотелот во кој е сместена и хрватската фудбалска репрезентација, а покрај „ватрените“, токму Малкович беше најголемата ѕвезда на вечерта.

Креативен директор на видеото е Пит Радович, прославен телевизиски и спортски продуцент со хрватско потекло и добитник на 45 награди Еми во 18 различни категории.

Видеото беше објавено вчера и веќе бележи речиси 400 илјади прегледи на Јутјуб.

Главната цел на настанот беше да се промовираат туристичките потенцијали на Хрватска преку спортот и успесите на хрватските спортисти, како и да се истакнат врските меѓу Хрватска и САД.

Меѓу присутните беа министерот за туризам и спорт Тончи Главина, директорот на Хрватската туристичка заедница Кристијан Станичиќ, претседателот на Хрватскиот фудбалски сојуз Марјан Кустиќ, како и хрватските репрезентативци предводени од селекторот Златко Далиќ и капитенот Лука Модриќ. На настанот присуствуваше и легендарниот кошаркар Тони Кукоч, заедно со бројни претставници на американската дипломатија, туристичкиот сектор и медиумите.

„Ова е голем исчекор со кој силно ја позиционираме Хрватска на светската мапа. Додека Џон Малкович е заштитно лице на новиот промотивен филм, во Дубровник истовремено се собраа светски спортски ѕвезди како Леброн Џејмс, Кајл Кузма и Рафаел Надал. Тоа е уште една потврда дека туризмот и спортот се добитна комбинација која ја претставува Хрватска пред светот“, изјави министерот Главина.