Реал Мадрид ја потврди „трансфер бомбата“ која ја размрда Шпанија

Дерби

15/06/2026

12:11

475

Големина на фонт

а а а

Марк Кукурелја беше едно од имињата на кои се гледаше како потенцијални засилувања за Барселона во овој летен преоден рок, па иако и самиот играч нагласи дека би му било тешко да каже „НЕ“ на матичниот клуб, фудбалот уште еднаш ни покажа дека може да биде крајно непредвидлив на највисоко ниво.

Шпанскиот репрезентативец замина на Светско првенство како член на Челси, но сега пред мундијалското деби со Зеленортски Острови, и официјално е претставен како играч на Реал Мадрид.

„Кралскиот клуб“ успеа да ја заврши целата операција во период од 48 часа, па денеска официјално го потврди левиот бек како големо летно засилување за Жозе Мурињо.

Реал Мадрид ќе исплати 55 милиони евра како фиксни во договорениот трансфер со Челси, но зделката лесно може да достигне и 60 милиони евра поради одредени бонуси.

„Кралевите“ со кратко соопштение ја потврдија „трансфер бомбата“ за која вчера пишуваше цела Шпанија, а која предизвика и одреден потрес поради минатото на фудбалерот.

Како член на Ла Масија, Кукурелја фудбалски се градеше во Барселона, но сега ќе биде најлут ривал на матичниот клуб и тоа во наредните шест години, бидејќи договорот со Реал му е до 2032-ра година.