Рускиот претседател Владимир Путин најави развој на сателитски систем за управување со борбени дронови и најави засилување на нападите врз украинската инфраструктура, додека руската економија се опоравува од конфликот.
Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека Русија развива сателитски систем за управување со борбени дронови, за време на состанок со воени претставници.
Воедно, Путин потпиша указ со кој бројот на руските вооружени сили се утврдува на 2.399.130 лица, од кои 1.510.000 се активен воен персонал.
Тој денеска најави и засилување на нападите врз украинската инфраструктура како одговор на украинските удари на руска територија. Според него, Москва мора соодветно да одговори и ќе продолжи да ги интензивира нападите врз цели што ги смета за клучна инфраструктура.
Путин оцени дека руската економија успешно се опоравува и покрај штетите од украинските напади и изјави дека во зоната на, како што ја нарекува Москва, специјалната воена операција се распоредени повеќе од 700.000 руски војници. Тој призна дека напредокот на руските сили не е толку брз колку што очекува Кремљ, но додаде дека Русија чекор по чекор ги враќа своите територии под контрола.







