На позната плажа на Сардинија забранети чадори за сонце

Макфакс

12/06/2026

19:52

288

Големина на фонт

а а а

На плажата Пунта Молентис на Сардинија е воведена забрана за користење чадори за сонце за повеќето посетители, со исклучок на семејства со деца под 10 години и постари лица. Оваа мерка е донесена од безбедносни причини поради тешкотии при евакуација од пожар во минатото, предизвикувајќи реакции кај туристите.

На една од најпознатите плажи на Сардинија, Пунта Молентис, воведена е забрана за користење чадори за сонце за поголемиот дел од посетителите, пренесува „Си-Ен-Ен“.

Според новите правила, само семејства со деца помлади од 10 години и лица постари од 65 години имаат право да постават по еден чадор. За останатите посетители е забрането внесување чадори и друга опрема за создавање сенка.

Од 5 јуни до крајот на октомври, влезот на плажата се наплатува 10 евра, додека лицата со попреченост и нивните придружници се ослободени од плаќање.

Локалните власти велат дека одлуката е донесена од безбедносни причини. Минатата година, поради пожар во околината, десетици луѓе морале да бидат евакуирани со брод, а големиот број чадори го отежнал пристапот и евакуацијата од плажата.

Одлуката предизвика бројни критики од туристите, кои сметаат дека посетителите ќе останат без соодветна заштита од сонцето во текот на летните горештини.

Пунта Молентис не е единствената плажа во Италија со строги правила. На некои плажи на Сардинија е забрането изнесување песок, за што се предвидени високи парични казни. На одредени локации има и ограничување на бројот на посетители, како и задолжителни онлајн резервации за пристап до плажите.