Пожар избувна во станбена зграда во скопската населба Кисела Вода, откако, според првичните информации, се запали електрична инсталација во објектот. Поради густ чад што брзо се прошири низ зградата, станарите беа принудени итно да ги напуштат своите домови. Дел од нив, меѓу кои и семејства со мали деца и бебиња, излегоа надвор боси и облечени во пижами, обидувајќи се да се спасат од опасноста.
На местото интервенираа противпожарни екипи кои успеаа да го локализираат и изгаснат пожарот, спречувајќи негово понатамошно ширење кон становите.
Засега нема информации за потешко повредени лица, а надлежните служби вршат увид за да ги утврдат точните причини за избувнувањето на пожарот и висината на причинетата материјална штета.
Жителите велат дека сцените биле драматични, бидејќи многумина биле разбудени од мирисот на чад и алармирањето од соседите, по што во паника ја напуштија зградата.
„Видеото е направено утрово околу 6 часот. Првото пукање беше околу 5:20-5:30 часот. Направена е нова трафостаница до нашата зграда и се пуштени каблите, но ги оставиле под висок напон. Според инспекторите, поради дождот што врнел ноќеска дошло до пожарот“, вели жителот.
Тој додава дека, за среќа, нема повредени лица.
„Среќа што нема никој повреден. Сите навреме излеговме надвор. Се тропаше и се ѕвонеше по становите за веднаш да се излезе“, раскажува очевидецот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека пожарот бил пријавен во 05:45 часот.
„Денеска (12.06.2026) околу 05:45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул. „Борис Трајковски“ настанал пожар во орман на ЕВН, при што изгореле кабли. Пожарот е изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанувањето на пожарот и за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.











