Илче Дамевски од Либерално-демократската партија ја истакнува потребата од навремена исплата на субвенции и редовна комуникација со земјоделците во регионот на Пелагонија, посочувајќи на растечките трошоци и неизвесностите со кои се соочуваат тутунопроизводителите.
„Пелагонија отсекогаш важела за главна житница на Македонија, а Општина Могила е срцето и столбот на истата. Никогаш не било вака, на средината на месец јуни да нема сѐ уште субвенции за тутун. Оваа година и намалени, ги нема“, вели во изјава за медиумите советникот во Советот на Општина Могила од ЛДП, Илче Дамевски.
Особено загрижува фактот дека од година в година тутунопроизводителите се соочуваат со растечки трошоци, неизвесни услови за производство и доцнење на мерките кои што треба да им помогнат.
„Либерално-демократската партија не се согласува со тоа дека земјоделците треба да се стрпат затоа што тоа се планирани и заработени пари. ЛДП бара само навремена исплата и редовна и навремена комуникација со земјоделците“, вели Дамевски во својата изјава.
„Грижата за земјоделците се покажува со конкретни политики, а не со зборови и скапо платени спотови. На земјоделците им е потребен сигурен партнер, а не празни зборови. За ЛДП, граѓаните и нивниот труд секогаш се на прво место затоа што значат силна економија и подобар живот за сите“, заклучува Дамевски.







