Жителите на скопската населба Капиштец за утре (11 јуни) најавија мирен протест како реакција на, како што велат, долгогодишниот проблем со прекумерната бучава од угостителските објекти и недоволното постапување на надлежните институции.
Протестот ќе се одржи во 19 часот кај кошаркарското игралиште во паркот во Капиштец, а е организиран од граѓанската иницијатива „За пристоен Капиштец“, која преку социјалните мрежи упати повик до жителите да се приклучат и да го изразат своето незадоволство.
„Доста ни е од бучавата, сега ние ќе бидеме гласни. Додека нас не држат будни, институциите спијат“, порачаа организаторите.
Според жителите, проблемот не е нов и трае со години, особено во вечерните и ноќните часови. Тие посочуваат дека се соочуваат со непроспани ноќи поради гласна музика од угостителски објекти, но и поради групи кои се задржуваат во јавниот простор, консумираат алкохол и го нарушуваат јавниот ред и мир.

Од иницијативата наведуваат дека со години пријавуваат прекумерна бучава, поднесуваат претставки и бараат институционално решение, но без траен резултат.
„Додека како граѓани јавуваме, поднесуваме пријави, собираме докази и бараме решение, надлежните кои се платени од нас, со години дозволуваат проблемот да продолжи. Доста е!“, велат од иницијативата.
Жителите бараат почитување на законските прописи, редовни и ефикасни инспекциски контроли, како и поголема заштита на јавниот ред и мир. Нагласуваат дека нивната цел е да обезбедат мирен и безбеден Капиштец за сите жители и нивните деца и дека не бараат привилегии, туку доследна примена на законите.
Посебно незадоволство изразуваат поради работењето на кафе-барот „Интермецо“, за кој велат дека со години претставува извор на прекумерна бучава. Според нив, во текот на летните месеци често се принудени да живеат со затворени прозорци бидејќи музиката од локалот ги надминува дозволените граници.
Во изминатите години, како што наведуваат, по бројни пријави интервенирале полициски екипи, биле вршени мерења на бучава и биле поднесувани записници и пријави, но проблемот продолжувал.
Општина Центар во повеќе наврати му изрекуваше глоби на угостителскиот објект поради прекумерна бучава, кои во 2023 година достигнуваа износи од 6.000 до 13.000 евра. Дополнително, Државниот пазарен инспекторат му изрече и повеќедневна забрана за работа поради непочитување на работното време.
И покрај преземените мерки, жителите велат дека трајно решение сè уште нема, поради што решиле својот револт јавно да го искажат преку мирен протест.











