Поголема количина пури во вредност од четири илјади евра запленил мобилен царински тим од Одделението за оперативни работи по извршена контрола на автобус кој бил пријавен за влез во државата на граничниот премин „Табановце“, на македонско-српската граница.
Како што соопшти Царинската управа, мобилен царински тим, поради основано сомневање го застанал автобусот на детална контрола, а недозволената стока била вешто сокриена на две различни локации во возилото – под седиштата на патниците и во специјално искористена фабричка шуплина во конструкцијата на автобусот. При извршениот преглед, царинските службеници пронашле вкупно 312 парчиња пури од различни производители за кои не била приложена соодветна документација за увоз.
Според проценките на Царинската управа, со шверцот на пурите бил направен обид за избегнување давачки кон државата во износ од 174 900 денари.
Во случајот е осомничен возачот на автобусот, со иницијали К.Б. - македонски државјанин против кој е поднесена кривична пријава до ОЈО Куманово за сторено кривично дело криумчарење, казниво по кривичниот законик. Инаку осомничениот е возач на автобусот вработен во компанија која врши меѓународен патен превоз.
Од Царинската управа истакнуваат дека продолжуваат со засилени контроли со цел спречување на нелегална трговија со акцизни производи, заштита на финансиските интереси на државата, заштита на здравјето на граѓаните и овозможување услови за фер економија.







