Поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев со гаранција од 55 илјади евра излегува од притвор, соопшти Кривичниот суд.
Како што информираа од Судот, одлуката е донесена по жалба изјавена против решението на судија на претходна постапка од 4 јуни 2026 година, со кое, по предлог на надлежниот јавен обвинител, на Богоев му беше определен притвор.

„Кривичниот совет донесе решение со кое ја уважи жалбата и ја прифати понудената гаранција на осомничениот“, посочија од Основниот кривичен суд Скопје.
Гаранцијата се состои од готови средства во износ од 55.000 евра во денарска противвредност, кои ќе бидат депонирани во корист на Република Македонија како обезбедување за присуството на осомничениот во понатамошниот тек на постапката.

Покрај гаранцијата, Судот му определи и мерки на претпазливост согласно Законот за кривична постапка, односно привремено одземање на патната исправа и забрана за преминување на државната граница.
Од Судот посочуваат дека доколку осомничениот не ги почитува определените мерки, може да му бидат изречени и построги мерки за обезбедување на неговото присуство.







